Порастот на новозаразените од Ковид-19 се должи на непочитувањето на мерките. Ова го истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
-Бевме свесни дека доаѓа критичен период – есенски месеци кога ќе имаме пациенти коишто можно е да го преоптоварат здравствениот систем. Уште тогаш предвидовме дека е потребна рестрикција, рестриктивни мерки и го најавивме тоа за почетокот на месец септември. Ова е план којшто има и дополнителни мерки кои сметаме дека засега не треба да се воведуваат, но ја следиме ситуацијата. Имаме предвид дека доаѓаат и поладни денови, кога граѓаните треба да се штитат и од настинка и од грип, кога воздухот ќе биде загаден. Сето тоа се работи кои може да го оптоварат здравствениот систем. Мора граѓаните да се свесни дека штитејќи го сопственото здравје им помагаат на здравствените работници и здравствениот систем, истакна Филипче.
Министерот вели дека состојбата со капацитетите во болниците во моментов е стабилна и има доволен број на слободни болнички кревети, иако пред неколку недели ситуацијата била алармантна.
-Имаше период пред две до три недели кога инфективните одделенија ширум државата беа навистина исполнети. И во Гостивар, Охрид, Битола, Штип, Куманово, Струмица немаше ниту едно слободно место. Пациентите се носеа во Скопје. Тој притисок којшто се јави пред две недели на некој начин спласна. Добар е капацитетот, имаме слободни болнички кревети, рече Филипче.