Филипче ќе ја брза Владата да одлучи за носење маски на отворено, а има план и за поригорозни мерки

Засега не се размислува за воведување на полициски час, но можно е преземање и на поригорозни мерки, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека приоритет сега е да се спречат групирањата на граѓани за да не се шири вирусот. Министерот, иако неколку експерти укажуваа дека носењето на маски на отворено е непотребно, па дури има и контра ефект врз здравјето на луѓето, предлага маските да станат задолжителни.

-Задолжително ќе биде носење маски надвор, веднаш штом ќе се излезе од дома за да нема случајни групирања. Ако се групираат луѓе во поголеми групи тогаш и ризикот од пренесување е поголем. Планираме и поригорозни мерки какви што се скратување на времето на работа на угостителски објекти, но и рестрикции во движењето. Тие рестрикции ќе можат да се преземат таргетирано во некој град или пак на подрачјето на цела земја, објасни Филипче.

Според него, најважно ќе биде однесувањето на граѓаните.

-Од граѓаните најмногу зависи како ќе се почитувата мерките. Полицијата и инспекциите технички може да интервенираат за да видат колкава група е во едно живеалиште по пријава, но решавачко е однесувањето на граѓаните. Сега доаѓа период на слави и тој претставува голем ризик, рече министерот.

Тој рече дека што поскоро ќе предложи да се одржи седница на Влада за да таа се изјасни за предложените мерки.

 

Претходна вестРФМ: Сезоната продолжува на 14 октомври, тестови два дена претходно
Следна вестЗа Филипче немало ризик од отворањето на границите и од претстојниот викенд без ДДВ