Филипче: Нема нови рестрикции, ако нема ефекти до крајот на неделата – ќе има нови мерки

Без предлог за воведување на нови превентивни мерки завршил денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, а за евентуални нови мерки ќе се решава кон крајот на неделава, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека актуелните рестрикции остануваат и натаму во сила.

-Актуелните мерки и рестрикции односно полицискиот час по 22 часот треба да останат и истите нема потреба во овој момент да се надополнуваат. Во изминатите 4 недели има константо зголемување на бројот на заразни. Резултатите од мерките ќе се анализираат на крајот на неделата и на следната средба на комисијата ќе се анализира дали има потреба од други построги мерки. Очекуваме дека сегашните мерки ќе дадат ефект до крајот на неделата, а ако нема ефекти ќе има нови мерки. Се наоѓаме во екот на третиот бран, за еден месец бројката е зголемена за 5 илјади заразени, рече Филипче.

Тој објасни дека главни причини за ширењето на вирусот се непочитување на мерките, групирања и новите соеви на вирусот кои се лесно преносливи.

Филипче рече дека во болниците има околу 1.100 пополнети болнички места и дека притисокот е најголем во Скопје.

Иако некои градови побараа полицискиот час да започне од 19 часот, сепак, Филипче смета дека мерката рестрикциите да започнат од 22 часот е доволна.

Претходна вестЌе одат ли деновиве и други министри и владини функционери на одмор?
Следна вестРазрешен директорот на струшката болница