Ќе одат ли деновиве и други министри и владини функционери на одмор?

Време е за одмори. Не ви се чини така? Сметате дека на одмор се оди во лето и кога ќе си ги завршите работните задачи? Тоа мислење е старомодно, мора да видите што прават напредните и успешни луѓе во Македонија.

А, напредните најчесто се во Владата. Па, ниту скандалите со набавките на некакви си софтвери, ниту засиленото ширење на корона вирусот, ниту потребата Македонија да се справи со корупцијата не спречила актуелни и поранешни владини функционери да си одмораат на скапи егзотични дестинации. Јавноста сега дознава дека поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е со семејство на одмор дури во далечното Мексико. А токму Рашковски деновиве е во фокусот на јавноста по избувнувањето на аферата во која генералниот секретаријат на Владата купил неговиот софтвер, ама со народни пари, што требало да го користи МВР. Меѓутоа, набавката веќе осум месеци стои неискористена бидејќи МВР „ниту знаело за набавката ниту планира да ја користи“.

Рашковски вчера за медиумите потврди дека е на одмор во Мексико и дека тоа го направил во чест на роденденот на неговата сопруга.

Паралелно со ова во јавноста се појавија и информации дека актуелниот вицепремиер за борба против корупција Љупчо Николовски е на одмор во Дубаи. Тој се уште не се огласил во медиумите за да ја потврди или демантира оваа вест. Доколку се покаже дека и тој си заминал на егзотична дестинација, Николовски ќе треба да објасни како решил да одмара токму во овој период. Неодамна, Македонија доживеа историски најниско рангирање од страна на „Транспаренси Интернешнл“ во однос на постоењето на корупцијата во земјава, на 111 место од вкупно оценувани 180 земји. Владата неодамна донесе план за борба против корупцијата наречен „Акција 21“ и кој има 15 точки кои треба да се применуваат.

Дали во Дубаи климата е идеална за анализа на точките? Дали во Мексико најмногу може да ти текне нова иновација? 

На сето оваа реагираат од ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека власта тера луксузни одмори во ситуација кога се најавува нов нов карантин за викенд и затворање на границите.

-Рашковски наместо да одговара за криминал, замина за Мексико, каде еден одмор е околу 20 илјади евра. Николовски заврши со путерот, се измори и отиде во Дубаи, каде одмор чини до 10.000 евра. Рашковски и Николовски напуштаат земја во кризна состојба, среде здравствена криза и полициски час, се наведува во соопштението.

Реагира и тоа навистина бурно и самите граѓани на социјалните мрежи. Не ја прифаќаат раскалашаноста на државните функционери во време на криза.

Туку, да си прашаме: Ќе одат и други министри и владини функционери на одмор деновиве?

Претходна вестИ лежечките и стоечките полицајци не постасуваат: За четири дена казнети 225 возачи за брзо возење
Следна вестФилипче: Нема нови рестрикции, ако нема ефекти до крајот на неделата – ќе има нови мерки