Анализите покажуваат оти е намалена преносливоста на вирусот. R0 (ер нула) факторот на преносливост е намален од 1,5 на речиси 1, тоа значи дека еден човек при непосреден контакт заразувал 1,5 човек, а сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1. Ова денеска по кажа министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој изјави дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен, а доколку има простор и потреба, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе препорачаат и дополнителни рестриктивни мерки. Следна мерка, рече Филипче, би можела да биде полициски час.
Министерот изјави дека мерките даваат разултати, но предупреди дека вирусот е непредвидлив и во даден момент може да се влоши клиничката состојба кај пациентот, па да треба голем број пациенти да се хоспитализираат. Тоа, рече Филипче, значи огромен притисок врз здравствениот систем.
-Сè повеќе одделенија се пренаменуваат да третираат пациенти со Ковид-19. Многу веројатно е дека за кратко време тоа може да доведе до намалување на обемот на нормалната работа на одделенијата, редуцирање на термините преку системот ‘Мој термин’ како за прегледи така и за интервенции, дијагностички или оперативни. Сите се посветени на оваа работа – координаторите на интерните клиники, Инфективната клиника, во болниците сите одделенија практично и целокупниот кадар е посветен и по систем на ротација спремен да помогне во третман на ковид-пациентите, но тоа оди сè потешко, изјави министерот.