Филипче тврдеше дека нема да има пенали, а Сали сега преговара да се намали обештетувањето од 8,5 милиони евра

Разгледуваме можност сумата од 8,5 милиони евра којашто ја побарува италијанската фирма за неизградениот Клинички центар да биде значително намалена, изјави денеска Беким Сали, министер за здравство. Тој рече дека Министерство за здравство се консултира со правници околу можноста да се намали казната.

-Секако нема да биде таа сума, бидејќи најчесто страната што побарува ги бара сите средства што ги предвиделе во нивните калкулации во однос на раскинување на тој договор. Не секогаш тие средства се исплаќаат од другата страна, во овој случај државата. Таа процедура по сите практики ќе продолжи и најверојатно ќе одиме на арбитража и ќе одземе подолг период и не знаеме кога ќе има краен исход, рече министерот.

Во мај 2017 година тогашниот министер за здравство Никола Тодоров соопшти дека новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“, во соработка со италијанска компанија „Инсо системи“. Подоцна овој договор го раскина неговиот наследник Венко Филипче. Филипче неколку пати негираше дека за раскинувањето на овој договор ќе треба да се плаќаат пенали.

– Нема никаква исплата, нема никакви пенали. Во неколку ситуации разговаравме за кредитот кој беше доделен од Централната европска банка и не беше повлечен. Разговаравме и со изведувачот во три наврати и досега не побарал исплата. Договорот е раскинат за една точка од договорот и тоа му е кажано на изведувачот, рече Филипче на прес-конференција на 3 октомври 2019 година.

Во однос на случајот со платата на директорката на Детска клиника, министерот Сали рече дека ќе бидат казнети или разрешени директори доколку под нивно влијание се формирале платите. Тој информира дека се чека Фондот за здравствено осигурување да направи увид и да го достави финалниот извештај, не само за Детската Клиника, туку и за четири други.

-Формирањето на плата на еден вработен врз основа на Колективниот договор е врз основа на повеќе индикатори. Дали е тоа пракса и во изминатиот период или само во делот на анализираниот период ќе го видиме со дополнителни анализи, додаде Сали.

Претходна вестОрбан: Санкциите не функционираат, Европа ископа јама на Русија, во која и самата падна
Следна вестИ денеска нови дојави за подметнати бомби: Евакуирани учениците од „Никола Карев“ и од „Корчагин“…