ФИНКИ утре ќе протестира, пред Владата ќе заседава Научно-наставниот совет на факултетот

Мирен протест на пладне пред зградата на Владата утре ќе организира Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од Скопје. Во известувањето од оваа високообразовна институција се наведува дека на протестот пред Владата ќе се одржи 25-та редовна седница на Наставно-научниот совет на факултетот.

-Со цел укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот, започнуваме со серија на мирни протести, сè до остварување на целта. Воедно ги повикуваме сите лица кои сакаат да го подржат факултетот во остварување на нашето барање се добредојдени, велат од Факултетот.

ФИНКИ е еден од најатрактивните факултети на УКИМ со повеќе од пет илјади студенти каде што со години владее огромен интерес за запишување, а нема свои простории и поради што наставата се одвина од 8 до 21 часот. Факултетот завчера побара од Владата  да го задолжи Министерството за образование и наука во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование, како орган на државна управа во состав на МОН.

– Доколку Владата на следната седница не донесе позитивна одлука по барањето на Факултетот, односно повторно ја одложи точката која е од суштествено значење за нормално спроведување на наставата на Факултетот, ќе бидеме приморани да преземеме порадикални мерки. Факултетот задржува право, до остварување на овие барања, јавно да го искажува своето незадоволство со одржување на протести и штрајк, се потенцира во соопштението.

Овој факултет, основан во 2011 година, е без свој објект  повеќе од 10 години. Во овој период наставата на ФИНКИ се одржуваше во просториите на Факултетот за информациски технологии и во просториите на Технолошко-металуршки факултет во Скопје.

ФИНКИ  треба да добие зграда во склоп кампусот на УКИМ, но изградбата во моментов е стопирана. Објектот кој требаше да стане дом на ФИНКИ почна да се гради во 2015 година, но остана недограден, откако во јули 2019 фирмата-изведувач „Бетон-Штип“ отиде во стечај. Во 2022 година зградите ја дочекаа третата најава за довршување, но во последните 5 години работите не се поместени. Причината за ова според Министерството за образование, е потребата од анализа која треба да покаже што е изградено и што треба да се доизгради. По ова ќе биде распишан тендер. Министерството за образование во 2022 извести дека доградбите нема да бидат во барок, бидејќи е премногу скапо.

Биро за развој на образованието, пак, соопшти дека нема да дозволи „привремени“ решенија.

-Сѐ додека нема трајно решение за соодветни простории за Бирото за развој на образованието, според потребите и надлежностите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги пружа на повеќе од 23.000 наставници, јавно порачуваме, и до ФИНКИ и до Министерството за образование и наука и до Владата, дека нема да дозволиме „привремени“ решенија, кои кај нас, од искуство, остануваат трајни, соопштија од Бирото за развој на образованието.

Претходна вестБах: Израел не ја прекрши Олимписката повелба како што тоа го стори Русија и затоа може да учествува на Олимпијадата
Следна вест„Левица“ ги објави носителите на листите за пратеници: Апасиев, Мециновиќ, Крмов, Јанчев, Мојсоска и Димески