Фон дер Лајен нема среќа околу кандидатурата за втор европски мандат

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен нема среќа околу нејзината втора кандидатура за истата функција. Се нешто и отвораат афери во Брисел.

Една од главните теми во кулоарите на институциите на ЕУ изминативе недели е именување на германскиот европратеник Маркус Пипер за европски претставник за мали и средни претпријатија. Пипер важи за многу влијателен во редовите на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ). Духовите се разбрануваа затоа што најавата за именувањето на Пипер на новата должност дојде само неколку дена пред ЦДУ да ја објави својата поддршка за кандидатурата на фон дер Лајен за втор мандат, како т.н. шпиценкандидат на десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП).

Дополнителен проблем настана и по објавувањето на „инсајдерски информации“ дека двете проивкандидатки на Пипер за функцијата, Чехинката Мартина Длабајова и Швеѓанката Ана Стелингер, наводно покажале за 30 отсто подобри резултати на тестовите во постапката за селекција.

Повеќе медиуми поклопувањето на добивањето поддршка за Фон дер Лајен од нејзината матична партија и именувањето на влијателниот сопартиец го оценија како „сомнително“, а дополнителни објаснување побараа и некои членови на Европската комисија, што доведе целиот случај да биде наречен афера „Пипергејт“.

Според медиумски информации, писма со „критичка содржина“ за ова прашање до Фон дер Лајен упатиле високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел, како и еврокомесарите Тјери Бретон, Паоло Џентилони и Николас Шмит. Борел, Џентилони и Шмит доаѓаат од редовите на партии членки на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), а Бретон од Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“. Дополнително, Шмит е шпиценкандидат на СД и со тоа директен ривал на Фон дер Лајен на изборите.

Во приказната се вклучи и Европскиот парламент кој ја повика Фон дер Лајен да го поништи именувањето на Пипер и побара да биде спроведена „вистински транспарентна и отворена процедура“ при назначувањето европски претставник за мали и средни претпријатија.

Германскиот европратеник Даниел Фројнд од редовите на Зелените дури посочи дека Пипер бил избран единствено затоа што е член на ЦДУ.

Фон дер Лајен засега не реагираше јавно на овие прозивки, но обвинувањата за кронизам и фаворизирање на својот сопартиец би можеле да го поткопаат нејзиниот углед, особено во пресрет на јунските евроизбори.

Инаку, ова не е единствен проблем на евробирократката. Имено, обвинители од Европското обвинителство истражуваат можни кривични дела за набавката на вакцините за Ковид поради СМС пораките кои ги разменувале претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер.

 

Претходна вестДимитриевски: Претседателот го црпи својот суверенитет токму од граѓаните на избори
Следна вестИзраел: Иран започна војна, сите опции се на маса