Големите протести под мотото „Ултиматум – не благодарам” вечерва беа потензични од претходните два дена кога пред Владата имаше говори и настапуваа пејачи. Овој пат многубројните насобрани граѓани повеќе скандираа барајки оставки, а еден дел од присутните фрлаа кон владината зграда јајца и шишиња по што ја пробија заштитната ограда и се доближија до влезната врата на владата каде застанаа пред засилениот полициски кордон.
Некои од демонстрантите кои стигнаа на само половина метар до полицијата и даваа цвеќиња на униформираните лица со порака дека не треба да штитат предавници, туку да бидат со народот.
-Фрлав јајца кон владата поради симболика, тоа им фали на министрите за да можат да кажат НЕ на францускиот предлог, ни истакна млад човек кој претходно ја преминал заштитната зграда.
По извесно време, голем дел од протестантите тргнаа кон Собранието меѓу кои беше и лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев.
Заштитната ограда и тука беше пробиена, присутните фрлаа јајца и шишиња кон зградата на македонскиот парламент кој го чуваше голем број на полицајци.
Протести се најавуваат и за утре. Граѓаните негодуваат што власта покажува подготвеност да го прифати францускиот предлог за добивање на „датум“ за преговори, кој всушност ќе се претвори во дадени датуми на Бугарија да прави што сака во Македонија.
Инаку, на вечерашниот протест се појави и познатиот пејач Ламбе Алабаковски кој не така одамна е обвинет за палење на влезот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Тој ја отпеа државната химната, а потоа извади хартија на кое пишуваше „преспански договор, бугарски договор, француски предлог, фашизам”. Алабаковски сето тоа го запали.
-Ако мојата дијагноза е пироман, вашата дијагноза е предавничка, истакна тој пред многубројните протестанти и покажувајки со прст кон зградата на владата.