Многу села всушност веќе и не се села – изгаснаа. Дали некој кој е избран и платен со народни пари ќе се сети на овој проблем и ќе ги менува работите, за да се спасат барем тие села што уште живуркаат? И за најразвиените држави селата се важни…
За време на предизборието многу слушавме за тоа како градовите низ Македонија се запуштени. Многу малку или скоро не се ни кажа за тоа дека селата опустеа. Уштеб на претходниот попис пред 19 години се покажа дека имало 147 целосно празни, а порано населени места, а стотици имале до десетина жители. Сега, резултатот ќе биде уште попоразителен. Многу села всушност веќе и не се села. Дали некој кој е избран и платен со народни пари ќе се сети на овој проблем и ќе ги менува работите за да се спасат барем тие што уште живуркаат?
Да сето тоа е резулат на она што се водеше како политика кон селото во изминативе децении – уште при форсирањето на индустријата по градовите, македонските села ги напуштиле околу 300.000 лица. Опустувањето на македонските села продолжува и сега со таа разлика што од селата, покрај во градовите, се повеќе се заминува во странство – Италија, Германија, Швајцарија, Канада… Може ли тој процес да се сопре? Селата се важни во секоја држава, па дури и во најразвиените.
-Стававме низ годините функционери на чело на државата кои се од село, ама и тие го заборавија селото и глумеа „граѓани“. Затоа сега се опустеа и нивите, нема и земјоделие и сточарство како што имаше, ни вели Стојмир од овчеполскиот регион.
Македонските села во кои остануваат малкумина или одвај две-три стотици жители остануваат исти – без патишта, без канализации, без добра струја, водоводи, без училишта за најмладите… Тогаш, е јасно зошто сите бегаат особено од источниот дел на Македонија…
-Нашите села веќе од поодмана се во фаза на иселување и напуштање. Макар малку население ќе се задржеше доколку се правеа производствени погони на три – четири села. Но, македонските државни органи уште од самостојноста на државата со прст не мрднаа за да ја спречат миграцијата со што таа уште повеќе се зголеми, ни вели Јован Трајковски кој потекнува од село Дуње, мариовско.
Давање на субвенции за земјоделско и сточарско производство, на државно земјиште под закуп, изборни ветувања за парични стимули за семејства кои ќе се вратат во селата… со години се „мерките“ кои се преземаа за зачувување на селата.А и тоа се прави парцијално, без голема стратегија и опфат на селата и регионите. Резултат на сето тоа најчесто се мал број на пензионери кои по крајот на работниот век се враќаат да живеат во родните села, но и тоа само во определен период на годината.
– Државата не презема ништо во врска со враќањето на луѓето. Мислам и сега да преземат нешто е бадијала оти се испустија селата. Требаше порано. Никој не сака да се врати во распаднати куќи. И јас имам на село полураспадната куќа, но немам можност да ја поправам. Оние што нешто реновирале одат само за викенди, ни вели Роза Велјаноска.
Граѓанинот Јован Трајковски смета дека субвенциите се она што би можело да го задржи народот на селата и да ги привлече некои да се вратат. Но, дали на тоа или на некоја друга мерка ќе се реши државата останува да се види. Во спротивно, сите идни пописи на населението ќе покажуават се повеќе згаснати села. На потег се и градоначалниците и тие можат м,ногу да направат за да го поправат животот во селата.
Без комунална инфраструктура во 21 век
Граѓаните сметаат дека сега е основно да се направи комунална инфраструктура.
-Селата се веќе опустошени, а државата не се грижи многу за тоа. Многу работи треба да се направат – патишта, струја, канализација, но срамота е во 21 век да немаш комунална инфраструктура, ни вели Панче Филипов од Штип