Нема да прегледуваат пациенти, да одат во операциони сали, да водат медицинска евиденција и да дежураат се до исполнување на нивните барања…, на вакво начин од денеска лекарите на приватна специјализација од комплексот „Мајка Тереза“ ќе стапат во генерален штрајк.
-Тоа значи дека нема да се појавиме на своите работни позиции, нема да ги извршуваме работните обврски и да дежураме. Ќе штрајкуваме додека не ни се исполнат нашите барања, тоа се покачување на месечниот надоместок, здравствено осигурување и договор како да го решиме понатаму нашиот статус, вели д-р Христина Илиоска Чешлароска, привате специјализант по интерна медицина.
Причина за штрајкот, како што најавија во четвртокот преку соопштение, е што и покрај одржаниот протест на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.
– На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. По остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања, се посочува во соопштението.
Од Министерството за здравство, исто така во четвртокот, беше кажано дека по средбата со приватните специјализанти, изготвен бил извештај и доставен е до Владата. На некоја од седниците, како што беше посочено, ќе дојде на разгледување со цел да се видат барањата и можните решенија во овој предизборен период.
-Министерството за здравство секогаш ќе се залага за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти, кои се важни во здравствениот систем. Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти, нагласуваат од Министерството.
На државните клиники работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26.000 денари, а едно од нивните барања е негово покачување на 40.000 денари.