Герасимовски бара општините да конфискуваат дивоградби

Објекти градени на диво на државно земјиште во зелен појас треба да бидат конфискувани од општините и за тоа ќе покренам иницијатива во ЗЕЛС, најави градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.

Во врска со парцелата кај Универзална сала, Герасимовски вели градбата на локацијата била сопрена, затоа што инвеститерот не ги заштитил околните објекти, а пропишани му се и парични казни.

-Доколку инвеститорот не ја санира штетата, ние како општина ќе интервенираме да се санира. За жал, пукната е и водоводна цевка па водата е исклучена за да не пропадне целата улица – вели Герасимовски.

Тој додава дека е одземена дозволата за градба на таа локација, ставена е жолта лента, но инвеститорот продолжил да гради.

-Најголем број на незаконските активности се прават за викенд или за празници, но нашите инспектори и тие денови излегуваат на терен – вели Герасимовски и додава дека има ефект од инспекциите во однос на градбите и дивоградбите.

Според него, има комисија од неколку члена која излегува на терен и го следи процесот на градење во општината.

-Има и други дивоградби кои се следат како оној на Пластичарска улица чијашто градба е прекината, но се бара кој е инвеститорот. За овој објект е потпишано барање за уривање, но овие документи ни се одземени од Државниот градежен инспекторат. Имаме покренато иницијатива за конфискација за вакви случаи – информира Герасимовски.

Претходна вестУапсен сообраќајниот инспектор на Грчките железници поради несреќата во која загинаа 57 лица
Следна вестНароден Херој: Наум Наумовски – Борче, се борел во НОБ, учествувал на АСНОМ, го градел предземјотресното Скопје