Немало никакво насилство врз 10-месечно бебе туку имало детска игра при која настанале гребнатинки на едно од згрижените дечиња, соопшти денеска Детската градинка „Детска радост” во Гевгелија. Градинка ги демантира тврдењата на Ангелина Петкова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ која денеска изјави дека имало насилство врз 10-месечно бебе а кое го затскрива директорката на градинката Елизабета Стефановска.
Во демантот на директорката Стефановска пишува дека во градинката немало никакво насилие туку дека станува збор за детска игра во малата група во клонот на градинката „Цветови” каде „настанале гребнатинки на едно од згрижените дечиња”.
-Случајот го пријавивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор да ја посети установата. По извршениот инспекциски надзор ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата. Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на Гевгелија врз градинката „Детска радост” од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа, пишува во демантот на гевгелиската градинка.
Директорката на градинката Елизабета Стефановска, потенцира дека грижата за децата е императив на градинката.
-Во соопштението на пратеничката Петкова, е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на Општина Гевгелија врз ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија, од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа, информира Стефановска.