Пепел, искршени штици, клупи… се се тоа последици кои позади себе ги оставаат вандалите во Скопје. А какви последици поради тоа трпат вандалите?
Кон крајот на минатиот месец беше искршен летниковецот во парк-шумата Гази Баба од што се згрози јавноста и се остана на тоа. Исто како што се остана и по уништувањето на видиковецот на јужните падини на Водно во јануари годинава, како што остана исто по априлското палење на летниковецот пак во паркот во Гази Баба… Да не зборуваме за палењето на старите и новите контејнери за собирање на отпад по градските улици, за кршење на корпи, улични светилки, клупи за седење…
Вандалите уништуваат и остануваат непронајдени од органите на прогонот. Значи остануваат неказнети. А чувството дека ќе остане неказнет е, сигурно, голем потик за извитоперен ум да се уништува она што им припаѓа на сите граѓани. За жал, и после толку примери на скапо купената урбана опрема, надлежните се уште не се решаваат да го сменат односот кон овој проблем.
Решение освен во одкривање на сторителите има и во заштита на јавните добра. Тоа го посочува и Никола Здравковиќ, активист на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“.
-Заштита со чувари не само што е можна, туку е и преку потребна. При посетата на Торонто, Канада, се уверив колку за нас дури и нереално делува грижата на една таква земја за животната средина – секој кварт има(ше) еколошка патрола во цивил која скоро невидлива и претопена во обичните граѓани внимава(ше) некој да не се излаже да уништи корпа за отпадок или контејнер. Поголемите паркови и езерца пак, кои се наоѓаат вон строгото градско јадро, имаат цели куќарки од кои се контролира дали некој прави некое казниво или противправно дело насочено кон урбаната градска опрема. Штом се случи нешто непожелно од правец од каде не се ни надевате доаѓаат еко-полицајци и на крајно цивилизиран и законски начин се погрижуваат да зажалите што воопшто ви паднало на памет да оштетите нешто, макар со мал габарит, потенцира Здравковиќ.