На 24 април, македонските граѓани ќе излезат на првиот круг на изборите за Претседател на Македонија. На гласачките ливчиња ќе имаат избор меѓу седум кандидати коишто претходно ги исполнија условите за да претендираат на највисоката функција во земјава. Редакцијата на весникот „Македонско Ехо“, сакајќи да даде свој придонес во што подобро претставување на претседателските кандидати, како и што подобро гласачите да ги видат разликите меѓу кандидатите, до сите седуммина упати исто прашање:
Зошто сметате дека треба токму Вие да бидете избрани за претседател на Македонија?
Кандидатите беа замолени својот одговор да го напишат и пратат во редакцијата за што имаа 5 дена на располагање. До истекот на предвидениот рок ни пристигнаа одговори од четири претседателски кандидати: Гордана Силјановска – Давкова, Билјана Ванковска, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски. Останатите тројца кандидати: Стево Пендаровски, Бујар Османи и Арбен Таравари не одговорија на прашање и покрај неколкукратните наши потсетувања во текот на изминативе денови.
Еве што одговорија четирите кандидати за македонски претседател:
ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА:
Ветувам дека ќе бидам бедем на македонската државност
Ние сме во тешка демократска криза, како што тоа неделава го констатираше и „Фридом Хаус“ во нивниот извештај. Загрозена е правната држава поради конзулското двовластие, односно безвластие, одомаќената и незауздана корупција и криминал, зависното судство без никаква доверба. Државата е партизирана, економијата е десеткувана, социјалната заштита е селективна, културата е целосно заборавена. Македонија е оценета како цикличен хибриден режим, го добивме најлошиот извештај на ЕУ за состојбите во државата каде што најповторуваната фраза е дека нема напредок.
Се кандидирам заради состојбата на агонија. Повеќе не почитуваат надвор отколку ние самите себе. Токму денес, кога славиме 80 години македонска државност, стремежите, вредностите и принципите на трите Илиндени за самостојност и независност, се под животна закана. Во ова време невреме, кога се плашиме дека катадневно, делче по делче ја губиме државата, се исправам пред вас и ветувам дека ќе бидам бедем на македонската државност!
МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ:
Некој мора да биде коректив на изршната и законодавната власт
Сметам дека Македонија треба да добие Претседател кој ќе го врати достоинството на таа функција, која политичките елити ја маргинализираат. На Македонија и треба Претседател кој доаѓа од граѓаните и ќе биде за граѓаните, односно ќе ги штити нивните и државните интереси, а не оние на политичките елити и мал број луѓе кои искористувајќи ја власта се богатат, а секојдневно, веќе 30 години, го осиромашуваат народот, а со тоа и државата.
Претседателот на државата, согласно Уставот, има механизми со кои може да го насочи бродот да плови на вистинскиот пат. Имам намера да ги искористам. Некој мора да биде коректив на изршната и законодавната власт доколку застранат, доколку не работат согласно законите, Уставот, интересите на државата и граѓаните. Затоа јас со личен пример ќе мотивирам, поттикнувам и придонесувам секој граѓанин да го даде својот максимум.
БИЛЈАНА ВАНКОВСКА:
Нудам слободна Македонија во новиот мултиполарен свет
Ако на граѓаните на Македонија им е прифатлива оваа иста приказна што им ја нудат шестината противкандидати, кои навидум зборуваат различно, но се држат за истата мантра, за општествениот, политичкиот, економскиот, па и моралниот статус кво, којшто нè доведе до колапс – нека си одберат еден од нив. Во мене имаат апсолутно искрена, чиста и нова понуда.
Јас сум „политичка девица“ (без никаков политички багаж, како и партијата Левица што ме поддржува). Врз база на факти, здрав разум и аргументи и без заобиколување зборувам за сите погубни политики и договори кои ни ја уништија и државата, и македонството и достоинството. Но, нудам и визија и решенија во вид на модерна и нормална држава без корумпирани и поданичлки елити, без надворешно туторство, без внатрешни уцени со војна, како и внатрешна интеграција и поврзување со најнапредните сили во Европа и светот. Нудам слободна Македонија во новиот мултиполарен свет заснован на мирољубива коегзистенција и соработка на сите четири страни на светот.
СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ:
Моите ставови за најважните национални интереси се јасни и цврсти
Во овие специфични времиња на Македонија и треба претседател кој ќе биде симбол на државноста, човек со интегритет, респектиран од сите политички фактори во државате, со големо политичко искуство, способен да ги заштити националните интереси. Тоа го сакаат и го бараат граѓаните. А што сакаат и што прават големите политички партии? Тие упорно ја партизираат оваа функција и ја прават продолжена рака на политичките партии.
Јас сум политичар кој зад себе оставил бројни и видливи резултати, кој многи добро знае како функционира државата, со доволно искуство, да не води низ внатрешната и надворешната политичка сцена, но доволно одлучен и храбар да се спротивстави на се она што не е интерес на граѓаните на Република Македонија. Впрочем, моите ставови за најважните национални интереси се јасни, недвосмислени и цврсти, зато во мене граѓаните препознаваат претседател во кој веруваат дека нема да попушти ни при најголем притисок.