Главната загриженост во однос на брзите измени на Кривичниот законик е можноста за зголемување на неказнивоста, укажа во интервју за МИА евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој наведува дека она, што се покажа со текот на времето, е дека откако измените стапија во сила, неказнивоста е зголемена.
-Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост. И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори, рече Гир, одговарајќи на прашањето за проблемот со корупцијата со кој се соочува земјава, што беше нотирано и во последниот извештај на Европската комисија.
Корупцијата, наведува евроамбасадорот, го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда.
-Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупцијата. Нашето очекување е ова да биде една од главните области каде треба властите да бидат активни, борбата против корупцијата – истакна Гир.