Ковачевски и Пендаровски да престанат со пимплање, да прават нешто конкретно околу личните документи

Понижувањето и малтретирањето на македонските граѓани околу ултимативното менување на личните документи уште трае. Долгите редици на мразот, нервозите, караниците, некому и му се слошуваше, одењата и по неколку дена по ред за да се стави во докуметните омилениот збор на власта – „северна“ не е нормална слика за организирано општество.

Ова пред два дена конечно го виде и шефот на државата Стево Пандаровски. Тој побара да се одложи ултимативниот рок од февруари за во октомври, а кажа и дека тоа е лесно изводливо со мали измени на закон.

И, се тргна ли во процедура за да се реши овој голем проблем кој власта сама го направи?

Не.

Премиерот Ковачевски побара Пендаровски да се јавел во Грција. Претседателот му одговори дека требало тоа да се прави на ниво на Владата…

Највисоките државни раководители, се чини, почнаа меѓусебно да се расправаат околу тоа кој е надлежен да го сторел првиот чекор за да запре ова срамно понижување на граѓаните.

А времето тече, граѓани и понатаму мрзнат во редиците пред пукт на МВР. И понатаму не се знае кои документи важат, а кои не по 12 февруари. И понатаму ако се јавиш да закажеш малку подостоинствено менување на личните документи ќе ви дадат термин во октомври – далеку после ултимативниот рок кој го наметна власта.

Сето ова не го гледаат Ковачевски и Пендаровски? Зошто почнаа со вакво меѓусебно политичко пимплање и надмудрување? Ние е време, ниту моментот за тоа.

Тие двајца, но и сите други министри и раководители, треба заеднички да седнат за да се најде решение што натаму да се прави со истекувањето на рокот на 12-ти февруари, а по кој голем број на граѓани ќе си имаат проблеми бидејќи нема да имаат сменети лични документи – а за тоа не се виновни.

Опцијата рокот да се продолжи е единствена и тие сега треба да најдат најбрзо и најефикасно решение како тоа да се направи. Кога ќе се донесе тој став дека мора да се сменати рокот, тоа треба јавно да соопштат.

Граѓаните не смее да бидат малтретирани, а најмалку од сопствената власт. Сопирање на сето тоа е приоритетот!

Дури потоа ако веќе запнале нека се јавуваат во Грција, (сеедно кој од нив) и нека објаснат дека биле неспособни и дека сега мора малку да се менуваат термините.

Истовремено, може и да ја расчистат дилемата која вчера ја отвори лидерот на опозицијата кој кажа дека личните карти на граѓаните ќе бидат важечки и по 12-ти февруари. Таа дилема постои иако МВР постојано соопштува дека на тој ден и личните карти престануваат да важат.

Власта не го смени Законот за лична карта, во него не се вгради одредбата дека досега издадените лични карти со името „Република Македонија“ престануваат да важат на 12 февруари 2024 година. Измените на овој закон во 2021 година ги блокира опозицијата со 1.500 амандмани бидејќи власта тогаш сакаше да ги протне и двојазичните промени во личните карти врз основа на Законот за јазици, па рокот 12 февруари не се изгласа.

Ајде, доста пимплање, власта нека ја расчисти работата.

Ова, навистина е многу попотребно за граѓаните отколку прашањето кој кому треба да му се јави во Грција или пак нивни надмудрувања и инаетења.

 

Претходна вестИзмамена жена од Гостивар, и продале туѓ стан
Следна вестГир: Постои празнина во Кривичниот законик, неказнивоста е зголемена