Нова апаратура во старата Градска болница, пациенти ќе одат дома истиот ден по разбивањето на камења во бубрези

Со новата апаратура пациенти врз кои ќе се врши разбивање на камења во бубрези ќе можат да одат дома веќе истиот ден од Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Во оваа болничка устнова позната како „старата Градска биолница“ денеска е инсталирана и промовирана нова опрема со што се подобруваат здравствените услуги во оваа установа.

На Одделот за урологија опремени се посебни простории и првпат е инсталиран нов современ апарат за литотрипсија во вкупна вредност од 42 милиони денари.

– Станува збор за апарат за екстракорпорална литотрипсија, со минимално инвазивна процедура за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт со серија ударни бранови, кои се насочени со помош на рентген или ехо апарат. Целта на постапката е да се скршат камењата на помали парчиња, кои потоа полесно поминуваат низ уринарниот тракт. Со овој апарат, се отвораат можности за третман на калкулоза во горниот уринарен тракт, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити.

Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија. Тие, по интервенцијата би се задржале само еден ден, или пак, истиот ден би се пуштале дома.

-Исто така, денеска го промовираме и новиот апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка, инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика во кој имаме два кабинети за дојка. Инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ЕХО на дојка, со што истовремено ќе се врши мамографија и ЕХО на дојка. Томосинтезата на дојка, наречена и тридимензионална мамографија или дигитална томосинтеза на дојка е напредна мамографска техника на снимање на дојката и претставува револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка, посочи Меџити.

Предноста на томосинтезата на дојката е што ткивото на дојката се испитува слој по слој, а радиологот добива појасна слика за секој слој на дојката, бидејќи се отстрануваат ефектите од преклопување на ткивата.

Претходна вестВозило излетало од патот, возачот тешко повреден
Следна вестАнтикорупционерка Ивановска: „Црешата на шлагот“ за работата на ДКСК ќе бидат големите предмети „Бехтел и Енка“ и Лотарија