Требаше да биде гордост на Скопје…
Ако сакаш да видиш како функционира и се одржува државата Македонија, помини на главната улица во Скопје – која го носи името – „Македонија“. Пешачката зона која требаше да биде украс сега е запуштена, неодржувана, нагрдена…
Зошто тука многу работи не се во ред иако е репрезентативниот дел од Скопје? Што е направено како што треба, а сега не му треба поправка? Вакви прашања секојдневно им се наметнуваат на бројните минувачи кои поминуваат по централната градска пешачка улица. Реконструирана пред 17 години и делумно поправана пред седум – осум години, на улицата која треба да е гордост на градот и по која најчесто поминуваат бројни странски туристи, сега е оставена сама на себе и на пропаѓањето. Ту и тамо ќе помине некој чистач за да ги испразни корпите за отпадоците и толку. Се она што беше замислено да и дава посебен шарм на улицата е оставено на забот на времето, на урбаните вандали кои немаат милост кон ништо.
Одејќи од Стара железничка станица кон центарот прво што се среќава е запустениот хотел „Бристол“ кој порано беше омилено скопско свртувалиште. Малку понатаму, се гледаат облепените и грди излози на празните дуќани на зградата на некогашниот пропаднат гигант „Макотекс“. Но, при одењето треба да се внимава да не се згазне и сопне на некоја од бројни расклатени плочки на патеката кои никако да се доведат во ред. Замислете тука имаше и рампа за да не поминувале возила. Сега ја нема, ама возила одвреме на време си поминуваат. Во очи паѓа и тарабата на недоправената црква „Свети Константин и Елена“ која никако и со години не се завршува. Тарабите се користат како место за лепење на плакати, како место за оставање на гајби од блиските кафулиња. Клупите до оградата се веќе пропаднати. Тука е одамна испразнетиот киоск кој беше наменет за продажба на сувенири, но сега околу него се собираат само отпадоци. Ова сигурно го забележаа и две групи туристи кои тој ден ја разгледуваа спомен – куќата на Мајка Тереза. А сето тоа е „зачинето“ со миризбата на скара од блискиот киоск…
Едно време имаше и ваква смешна рампа за да не влегуваат возила на пешачката зона…
-Главната улица „Македонија“ и плоштадот ни изгледаат како дел од запуштена паланка, а не главен град. На една улица имаме „Сваровски“, скапи бутици, ама и кладилници, бурекџилници и продавачи на кикирики, значи една грда каша-попара. Имаме и неисчистени излози, оставени тенџериња со манџи и друга храна на бездомните животни, а што не му наликува на центарот, ни вели Лукреција Маљковиќ – Атанасовска.
На делот на вкрстувањето со улицата “Димитрие Чупоски“ состојбата е уште полоша. Големиот тревник со споменикот е одамна исушен и никој не го ниту полева ниту чисти или обновува. Кружните клупи се посебна приказна: веќе се кршат, а за нив се залепени канти за отпадоци кои ги уништија вандалите и не се знае за што сега служат. И затворени киосци за продажба на стари книги само ја надополнувата слика на местото за кое одамна никој не води грижа.
Зошто е ова вака треба да одговорат надлежните од општина Центар, но и од Градот Скопје. Улицата „Македонија“ на заслужува вакво третман. Оправдувањата од типот дека реконструкцијата чека да се заврши црквата веќе не држат. Тоа прашање треба да се расчисти со МПЦ. Но, каква врска може да има исушен и неисчистен треваник со незавршената црква? Значи, во меѓувреме, улицата и нејзината урбана опрема мора да се одржуваат.
Зошто се празни дупките за дрвја?
На улицата веднаш се забалежуваат и бројни празни дупки за дрвја. Во нив некогаш раснеле различни садници кои во изминативе години се исушиле. Но, надлежните и за тоа немаат слух.
-Навистина не ми е јасно што е проблем за да тука се посадат нови стебла, Дали тоа некој им го забрани на „Паркови и зеленило“, се прашува скопјанецот Мики П. кого го затекнавме на улицата.