Истрага против пет лица осомничени дека киднапирале и малтретирале едно лице со намера да го присилат сопствениот автомобил „Масерати“ да го префрли на име на еден од осомничените, отворило Скопското јавно обвинителство.
Обвинителството наведува дека на 8 септември околу 22 часот, на автопатот Скопје – Тетово, на наплатната рампа кај село Глумово, по насоки на првоосомничениот и петтоосомничената, останатите тројца осомничени лица му го пресекле патот на оштетениот со возило „ауди А3“ и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и клоци по целото тело.
-Насилно го внеле во неговиот автомобил и го однеле на автоплац во селото Кондово во сопственост на првоосомничениот. Кога стигнале на плацот четворицата, во присуство на петтата осомничена, продолжиле физички да го малтретираат, удирајќи го со тупаници, клоци и со ремен. Поради наводен долг од 20.000 евра тие го натерале оштетениот да влезе на совозачко седиште во автомобил „бе-ем-ве Х5“ и го однеле во нотарска канцеларија во Тетово каде што го присилиле да направи договор со кој неговиот автомобил „Масерати“ го префрлил на име на првоосомничениот, се наведува во соопштението на ОЈО.
Двајца од осомничените се лишени од слобода и за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор а по останатите тројца осомничени сè уште се трага.