Ќе има ли крупни промени во начинот на поставеност и функционирање на јавниот градски превоз во Скопје? Ова прашање премногу долго е актуелно и премногу долго се чека одговорот.
Еве, среќа, најголемиот превозик ЈСП „Скопје“ овој месец функционира без најави за штрајк. Неодамнешната, со штрајк изнудена, исплата на субвенцијата од 11 милиони евра од Градот Скопје почна да се троши. А, според тогашните најави, вака редовен превоз скопјаните ќе има се до после избори.
-Што ќе се случува потоа, се прашуваат скопјани.
Но, иако е изборно време прашањето за решавањето на проблем со јавниот градски превоз во Скопје не би требало да чека. Изборите се претседателски и парламентарни, а проблемот е локален и во надлежност на Советот на Градот Скопје. Тоа значи дека овој период треба да се искористи за да се размислува и да се донесат одлуки што да се прави. Освен ако некој не решил на секои неколку месеци да се исплатуваат субвенциите за да превозот функционира колку-толку. Па така, се додека не се расипе и последниот автобус со кој располага ЈСП.
Градоначалничката Данела Арсовска и Советот на Градот Скопје не треба проблемот со јавниот градски превоз да го паркираат во депо на последната станица. Зарем се чекаат изборите? Проблемот со јавниот превоз во Скопје и со новата и со старата централна власт ќе биде ист. А тој има повеќе димензии. Основен проблем е како да се финансира ЈСП кое бара доста пари како претпријатие со многу вработени, автобуси, сервиси, служби…? Ќе остане ли истиот модел на многу категории на граѓани кои имаат право на бесплатен превоз или нешто ќе се менува за да претпријатието не живее од милоста на субвенциите околу чија исплата се водат партиски игри на градските советници. Тука е и прашањето дали ќе се менува концептот на градскиот превоз, дали ќе остане само на автобуси или ќе се реактивира проектот БРТ со странскиот кредит од 70 милиони евра? Или, можеби, некоја сосема нова опција како трамвај, тролејбус или нешто слично…?
Сето ова се дилеми кои треба уште сега да се расчистуваат. Го прават ли тоа во бараките кај Градскиот парк? Мандатот полека истекува…