Дупки од кои се искорнати претходно темелно поткастрените дрвја е глетка која од викендот ја гледаат жителите долж улицата „Васко Карангелески“ во скопската општина Аеродром. Откорнат е речиси целиот прекрасен долгогодишен дрворед. А надлежните силно ветуваа дека дрвата ќе останат.
Ова е сигурен знак дека овде наскоро ќе почне да се гради спорната втората лента на оваа улица. Аеродромци неодамна повторно протестираа во обид да се спротивставаат на планираното проширување на сообраќајницата што го замисли претходниот скопски градоначалник Петре Шилегов. Тие претходно повеќепати излегуваа на улица за да го искажат барањето да се сочува дрворедот и зелениот појас но, очигледно, се било залудно. Очигледно сегашната градоначалничка и првиот човек на Аеродром решија дрворедот да го снема.
– Не е прифатливо проширување на улицата на 4 ленти до основно училиште каде што децата ќе бидат во постојана опасност да бидат прегазени на булевар со 4 ленти. Не е прифатливо да се изгуби огромен појас на зеленило каде што локалците наместо да се движат по зелена патека ќе треба да се движат по асфалт со издувни гасови од густ сообраќај. Не е прифатливо да се пресадуваат дрвја кои имаат многу мали шанси да преживеат, потенцираа иницијаторите од граѓанската организација Зелен хуман град.
А неодамна беше и договорено граѓаните да бидат консултирани околу судбината на зеленилото. За жал, тоа не беше единствено изневерување на граѓанските барања. Уште во април годинава граѓаните добиле уверување од градоначалничката Данела Арсовска дека нема да има проширување на улицата како што беше планирано во мандатот на Шилегов. Односно, дека ќе се проширува само едната страна од улицата до училиштето каде што веќе беа и исечени здрави дрвја.
И општина Аеродром неодамна соопшти дека „ниту едно здраво дрво покрај улицата нема да биде исечено“.
-Неколку здрави дрвја ќе бидат дислоцирани и пресадени во зелениот појас на само неколку метри од локацијата. Се изборивме улицата да биде проширена и реконструирана без притоа да биде исечено ниту едно дрво, соопшти неодамна општината Аеродром.
Аеродромци разочарано коментираат:
-Само глумење е дека дрвата некаде ќе се пресадат. Многу исекоа буквално, а некои големи дрва ги соголија како чепкалки за заби и скоро без корени ги откорнаа, тоа стебло нема да преживее. И всушност, на тие дрва на улицата им беше местото, правеа сенка на патеката, ја собираа бучавата и прашината. Ама не излажаа, коментира постара жена која живее во зграда веднаш до улицата.
Очигледно е дека улицата наскоро ќе стане булевар на кој сигурно помпезно ќе се сечат свечени ленти. Дали исечените дрвца ќе растат на друго место, не е извесно. Но дека ќе растат нови згради и асфалт – станува очигледно.