Аероклубот Скопје денеска ќе прослави сто години македонска авијација, со голем Аеромитинг, кој ќе се одржи на спортскиот аеродром Стенковец. Свеченото отворање ќе започне во 11:00 часот со поздравен говор на премиерот Димитар Ковачевски, и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и на претставници на Аероклубот – Скопје.
Аеродромските врати ќе бидат отворени во 9 часот за посетителите, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме досега во воздух, а едриличарите ќе изведат акробации од кои застанува здив. Во програмата се предвидени и акробатски летови, а ќе учествуваат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor АТ-802А Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување, владиниот авион Лирџет 60, полициските хеликоптери Bell, и хеликоптерот на воените сили Ми-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер. Италија, којашто исто така оваа година прославува стогодишнина од создавањето на Воените воздухопловни сили, чии авиони „Тробојни стрели“ важат за најдобра аеробатска ескадрила во светот, со задоволство ќе учествува на настанот со прелет на воен ловец „Еурофајтер. Специјални гости ќе бидат и авиони од воздушните сили на Србија и на Грција. На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот, наречен „Илинденка“, , кој во соработка со Министерството за одбрана на Македонија привремено е донесен за да може да биде претставен на посетителите и на целата јавност.
Влезот на аеромитингот е слободен за секој љубител на летањето. Препорачливо е посетителите да се подготват како за пикник. Пожелно е да носат подлога за седење, а слободно може да се понесат камперски столчиња и слични помагала. Посетителите може да си носат и јадење и пиење, а организаторот ќе обезбеди штандови со кетеринг и на самиот аеродром.
Обезбеден е и бесплатен превоз за граѓаните со автобуски линии кои од 08.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда (кај ЈСП), Транспортен центар, Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек), Бутел (кај Еделпром) и Спортската сала Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 до 19.00 часот кон петте локации во Скопје.