Голем успех: Шаќири потврди дека се доставени ракописите за учебниците по историја за петто и шесто одделение

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска изјави дека ракописите за учебниците по историја за петто и шесто одделение се веќе доставени до Министерството.

-Според информациите што ги добивам од Педагошката служба, учебниците, односно ракописите се добри и квалитетни и очекуваме рецензии“, истакна Шаќири, повикувајќи ги професорите кои имаат забелешки за учебниците по историја, општество или за спојувањето на предметите да се вклучат во изработката на рецензијата на тие учебници.

Министерот, за време на денешната посета на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, нагласи дека по добивањето на рецензиите, се надева дека во рок од 30 дена ќе заврши целата постапка и изработените учебници ќе бидат кај учениците.

Министерот неодамна изјави дека непријавувањето на универзитетските професори да извршат рецензија е причина за доцнењето на новиот учебник по „Историја и општество“ за петто одделние во основното образование. Новиот учебник треба да го замени учебникот по овој предмет којшто беше повлечен откако во него беа утврдени десетици тешки грешки во лекциите.

-После одлуката за повлекувањето на учебникот по Историја за петто оделеение се формираше авторски тим од кој имаме завршна фаза на ракописот. МОН достави барање неколкупати до Факултетите за да достават претседатели и членови на рецензентна комисија. Ние секојдневно бараме од универзитетите да се пријават професори за рецензија. За брзо време, ќе имаме рецензенти и педагошката служба ќе каже кога постапката ќе заврши, рече Шаќири кон крајот на минатиот месец.

Иако министерот Шаќири на почетокот на школската година уверуваше дека до крајот на септември сите ученици ќе добијат учебници, тоа сепак не се случи, односно шестоодделенците не добија учебници. На 2 октомври, тој во изјава за медиумите рече дека почнала доставата на учебници за шесто и дека тие до крајот на оваа недела ќе имаат учебници.

Фото: Архива

Претходна вестВо декември во Собранието ќе се договара датумот на изборите
Следна вестКовачевски: За да се намалат функционерските плати треба да се менуваaт седум закони, за судиите не смеат да се намалуваат