Градоначалничката Данела Арсовска и Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, денеска учествуваа во голема заедничка акција за садење на 1.500 дрвја и садници во новата Ботаничка градина во Скопје, која се простира на 12.600 квадратни метри. Оваа акција за садење поддржана од УНДП е од огромно значење за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух и справување со климатските примени, во рамки на заедничките заложби за заштита на животната средина во Скопје.
-Новата Ботаничка градина која пред две години беше празен и неуреден простор, сега е новоуредена зелена површина за одмор и рекреација на посетителите. Заедничката акција и поддршката од УНДП за садење на нови 1500 дрвја и садници, е во согласност со заедничките приоритети за заштита на животната средина. Сакам да изразам голема благодарност до УНДП за нивната континуирана поддршка и напори со заедничка реализација на проекти во интерес на граѓаните, со цел зголемување на квалитетот на живот, како и заштита и унапредување на животната средина, истакна градоначалничката Арсовска.
Уредувањето на Ботаничката градина е дел од низата проекти од програмата „За Модерно Скопје“ за подигнување на нови зелени површини во градот, каде досега се реализираа три нови мега паркови, отпочна реализација на нови мега паркови во општина Карпош и Кисела Вода, кои се реализираат со цел унапредување на животната средина. Во новата ботаничка градина се засадуваат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови растенија донесени однадвор. Се садат воедно и ендемични растенија кои се специфични само за Македонија.