Градителите пред нашата ера биле побрзи: Виа Игнација наспроти Кичево – Охрид

Едно од главните самофалења на оваа владејачка гарнитура е дека прави многу патишта. Едно време се споменуваа и стотици и стотици километри нови патишта, реконструирани сообраќајници… А како е всушност на теренот, во реалноста?

Прашина, раскопана земја, стеснет пат, возење по една лента, сообраќајни знаци за предупредување дека има „работи на патот“, забавено движење на возилата и натаму е секојдневие на едни те исти патни правци во Македонија. Причината е во реконструкциите и градбите на автопатиштата кои со години никако да завршат. 

Така, на пример, реконструкцијата на делницата на автопатот „Пријателство“ од Петровец до Катланово никако да заврши и покрај поминатите цели три години од почетокот на работите. Парадоксот е во тоа што рехабилитацијата со проширување опфаќа само 5, 1 километар од десниот и 4,7 километри од левиот коловоз на кој ќе се додаде уште една коловозна лента!? Но, и тоа никако да се заврши.

Изградбата, пак, на првиот дел од автопатот Скопје-Блаце долга само два километра доцни речиси десет месеци. А кога ќе дојдат на ред за правење останати уште десет километри никој не знае да каже.

Значително доцни и изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка кој е дел од Паневропскиот коридор 8 кон Бугaрија. Своевремено беше најавувано дека неговата градба ќе започне во 2016 година и дека ќе заврши за три години, до 2019. Но, тоа не се случи па градбата започна дури во јуни 2018 година. Патот сега се гради, но рокот за крајот на работите е продолжен да 2023 година.

Да го споменуваме ли легендарното правење на автопатската делница од Кичево кон Охрид? Цели осум години… 

На толку многу пари потрошени од буџетот, на толку модерни и моќни механизации, македонските власти да се поспори и од Римјаните кога ја правеле вистински легендарната магистрала Виа Игнација многу години пред нашата ера, е умешност што ja нема секој.

Тогашниот римски конзул во Македонија јавал коњ, а сегашните „конзули“ се во Мерцедеси кои под хаубата имаат и по 300 коњи. И пак тој е побрз.

А, да не е до коњите? 

Претходна вестТешка сообраќајка на патот Охрид – Кичево, загина едно лице
Следна вестВладата го распушти тетовскиот совет, ќе ја распуштат ли неа малите партии?