Градоначалникот Богдановиќ: 13 дена во болница се борев со вирусот, за кусо време се менуваше состојбата

Полни тринаесет дена во болница – каде траела битката со корона вирусот на градоначалникот на скопската општина Центар Саша Богдановиќ. Било тешко, но со дисциплинирано однесување и добра реакција на докторите – поминало. Тој сега е на домашно дозакрепнување и се подготвува целосно да се врати на работните обврски.

Како и кај секое инфицирано лице и кај Богдановиќ се почнало со добивање на симптомите: висока температура и кашлање. И покрај земањето на лекови, состојбата не се подобрила, напротив.

Првите неколку дена ги поминав со висока температура и кашлање, но потоа добив и наод на белите дробови. Тоа беше доволно за препорака на лекарите да бидам задржан на Клиниката за инфективни болести. Таму бев 13 дена и по примената терапија и третманот, по шест дена се намали температурата, а наодот се повлече, раскажува Богдановиќ за „Скопско ехо“.

Тој додава дека битката со корона вирусот не е ни малку лесна.

Вирусот е многу непријатен бидејќи за кратко време ви се менува состојбата. Можете да имате температура 37,5 а за половина час да ви се зголеми на 39,2. Ако не се придржувате до насоките на лекарите и медицинскиот персонал тешко да може да ги поминете несаканите последици кои ги носи овој вирус, опишува Богдановиќ.

Откако состојбата му се подобрила и стабилизирала тој е отпуштен од болницата и е на домашно лекување.

е надевам дека за неколку дена ќе се вратам на секојдневните обврски. По сето ова што го преживеам можам само да им порачам на граѓаните да се чуваат, да ги почитуваат пропишаните мерки и правила се со цел да си го зачуваат сопственото здравје, потенцира градоначалникот Богдановиќ.

Претходна вестСтрогост кон македонскиот јазик и тогаш и сега
Следна вестФронтот за одложување на пописот расте, власта го гледа ли тоа?