Со инцидент се одигра првото полувреме меѓу фудбалските прволигаши екипите на Тиквеш и Гостивар попладнево во Кавадарци. Главната драма се случуваше од 31. до 35. минута кога главниот судија Александар Грујоски од Кичево досуди спорен пенал за Гостивар кој го реализираа за 2-0.
Незадоволен од одлуката во теренот се симна и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев со цел да се пресмета со судијата. Мечот неколку минути беше во прекин.
Тиквеш се врати со гол на Спахиу, а во 91. минута Ивановски погоди за 2-2 и покрај тоа што претходно двајца играчи на домаќините беа исклучени од игра.
Јанчев потоа се огласи на својот Фејсбук профил каде порача дека тоа за нив е победа против ФФМ.
-После целиот “циркус” на фудбалскиот терен, сепак Господ е на страната на правдата. Иако имаше 2 исклучени играчи, ГФК Тиквеш 1930 го израмни резулатот на 2-2. Со ваквото однесување на ФФМ, кое е срамно и жално за македонскиот фудбал, се оди само во стечај. Иако резулатот е нерешен, ова за нас е победа против ФФМ и корумпираните судии. Напред момци!, објави Јанчев на Фејсбук.