За познатиот книжевник, Ефтим Клетников, денешното Скопје е град на кој се повеќе му недостасува и дух и душа, град кој се претворил во една „црна дупка“ која ги вшмукува македонските села.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Ги сакам постарите, поархаични скопски слики. Првата е од првото мое влегување во него во 1960 година кога се искрцав на убавата Стара железничка станица како завршен основец, дојден да полага приемен испит за Средно уметничко училиште. За сликар. Не успеав. Сепак, поезијата ми била судена како судбина. Потоа тука се сликите од мојата студентска младост, кога Скопје не беше како денес убиено од урбаната мафија и имаше и некој вид романтичен шмек: малечки кафанчиња и со плех музика и пејачи, со преубав парк, и со живи стари маала, кои ги снема, Имаше и убави зелени површини низ градот. Па и „Аеродром“ во кој живеам сега, беше навистина огромна таква површина, поле со аеродром, жита и компиришта. Тука скокав како студент со падобран. Како што гледате, моите скопски слики се некако архаични, носталгични, есенцијални, чисто ментални.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Мислам дека веќе одговорив на ова со претходно прашање, и не само затоа што сум носталгичар по природа, нешто што е впрочем и карактеристично за еден таков старомоден и модерен поет истовремено каков што сум. Впрочем, имам и еден силен аргумент да го сакам Скопје од мојата младост и заради фактот што тогаш ја запознав Фимка и силно се вљубив во неа. А денешното Скопје е сосема нешто друго. Неговиот пејсаж е сив, без зеленило, затрупан со безлични згради, задушливо, нехигиенско и со најнечист воздух во светот. Навистина депресивно.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Не, не само што не му даваат, туку му одземаат. Му ја одземаат душата на градот. Тие на ангро соработуваат со варварската урбана мафија, што значи го споделуваат со неа варварството. А од тоа, се разбира некој се опарува, а некој се попарува. Граѓаните. Убавите мали фонтани во Аеродром кај мене со делкан камен во класичен стил глупаво се заменети со искривени ламаринени, речи ги чешми, а не се ни тоа, и треба да ги стискаш (и во време на корона вирусот) за да пиеш. Мојата претпоставка е дека тие се сменети така од две причини: од незнаење, недостаток на естетски вкус и поради перење пари.
Од тука произлегува дека да се стане градоначалник треба полагање на приемен испит по етика и урбана естетика почнувајќи од неолитот до денес. Да знаат што е тоа плоштад, на пример, фонтана итн. Како изгледаат и кај треба да бидат во просторот тие.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Не сакам да бидам претенциозен во одговорот, оти не сум бил ни градоначалник, ни директно во власта за да можам конкретно да дадам и придонесам. Барем да урнам некоја дивјачка диво крената зграда што покрила зелена површина.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Се повеќе ми недостасува дух и душа на ова современо и варварски урбанизирано Скопје. Стерилно е. Само некои големи кафеаништа со купишта пици и месишта, а нигде националнен ресторан со раскошната народна антрополошка слика. Нема крчми, нема боемија и боемска атмосфера. Нема кафеана кај ќе се собираат уметниците од сите сорти како во некогашното Скопје оти сегашните скопски градоначалници не располгаат ни со етика ни со естетика, туку само со профитот на личниот џеб.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Скопје има фасцинантна историја од неолитот наваму. Луѓето во него се сеуште хумани, но од ден на ден жално се отуѓуваат според западната мода, а и насмевките и ведрината како внатрешно гориво на душата им ги снемува поради се поголема сиромаштија и депресивна антихумана политика на власта врз нив.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Време е тоа да погледне во искуство на една Љубљана, да не биде до бескрај за се и сешто отворен град. Така и стана воленс ноленс тоа еден вид на „црна дупка“ што ги вшмука во себе и испразни македонските села, формирајќи го модерниот македонски пролетеријат.