Химната „Денес над Македонија се раѓа…“ пред 31 година прв пат згрмела пред странска делегација

„Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата! Македонците се борат, за своите правдини!…“ за прв пат на денешен ден, пред 31 година јавно одекна химната на Македонија. На скопскиот аеродром, под тогашното име „Петровец“, при пречек на странски делегати и високи гости се слушнаа гордите македонски тонови, иако во тоа време „Денес над Македонија се раѓа“ се уште не беше прогласена за химна на независна Македонија.

Текстот за химната бил напишан од истакнатиот македонски писател Владо Малески, а музиката од познатиот македонски композитор и диригент Тодор Скаловски уште во далечната 1941 година, а струшките родољуби на Новогодишната ноќ во 1942 година во куќата на Сотир Шута за прв пат ја отпеале „Денес над Македонија се раѓа“. Низ годините таа претрпела неколку мали промени.

Инаку, химната на независна Македонија е прогласена за официјална дури 6 месеци по својата прва јавна презентација на скопскиот аеродром, на 11 август 1992 година, една година по осамостојувањето.

Овој 17 март 1992 година останува запаметен во македонската историја и по тоа што за прв пат, покрај химната, биле промовирани и уште неколку македонски државни знаменитости.

Почесната единица на Армијата на Република Македонија – АРМ оформена во 1992 година за прв пат била построена под македонско знаме за пречекот на делегатите на аеродром, а тогашниот полковник Стефан Лазаревски, за прв пат на македонски јазик му рапортирал на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Република Македонија.

Колку сега сето ова се чува и негува, а колку е под удар и од внатре и од надвор – треба да се запраша секој Македонец.

Претходна вестУмерено облачно и студено со слаб ветер
Следна вестЕлмас и Наполи денес напладне во Нион ќе го добијат ривалот во четвртфиналето на ЛШ