2021:ПОСЛЕДНА ГОДИНА ВО ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФОТЕЛЈА
Времето на неговиот мандат пролета, а дали Шилегов нешто направи Скопје да полета кон подобар живот? Листата на ветените работи воопшто не беше мала. Имаше на неа педесетина големи проекти за кои се гарантираше дека ќе бидат направени…
Она што се уште е ненаправено, за уште 10 години не може да го постигне, а не до крајот на мандатот. Со вакво темпо, како што прави, ќе биде научна фантастика. Малку се преценил, потенцира скопјанецот Петар Тофески
„Чекор по чекор“ е омилената максима на скопскиот градоначалник Петре Шилегов кога зборува за проектите во градот. Ама „ден по ден“ еве истекува неговиот четиригодишен мандат. Влегува во 2021 година, последна календарска година од својот мандат, односно почнуваат последните девет-десет месеци до новите локални избори.
Времето пролета, а дали Шилегов нешто направи Скопје да полета кон подобар живот? Што е направено, а што не од она што Шилегов им го вети на скопјани во предизборието во 2017 година? Листата на ветените работи воопшто не беше мала. Имаше на неа педесетина големи проекти за кои се гарантираше дека ќе бидат направени. Сега, девет месеци пред новите избори споредбата покажува дека најголем дел од нив не се направени. Ќе успее ли Шилегов да стаса и се што вети да направи? Граѓаните, кои ги анкетираше „Скопско ехо“ со иронија па и нервоза одговараа на отворените прашања околу мандатот и ветеното и оствареното на Шилегов.
-Не работеше доволно и не верувам дека ќе успее да реализира ни 10 отсто од неговата ветена програма. Потфрли многу со чистотата, плоштадот и централното подрачје со години личат на пост-воена зона со недовршените градби. Воопшто не го релаксираше сообраќајот. Напротив, створи хаос со симболичното премачкување на улиците со асфалт. И за најголемата мака на скопјани, нечистиот воздух, апсолутно ништо не направи. Цел мандат го води на инает со предходната власт за спомениците и нивно рушење што мене не ме интересира, ни вели Ванче Митевски.
Останаа најголемите проблеми
Загадувањето на воздухот и во наредната година ќе остане како најголем градски проблем. Скопје е пак во светскиот врв по загаденоста. Гасификацијата беше клучен проект кој беше ветен за чист воздух. Но, освен што се направи обрач околу Скопје гасот е се уште недостапен за граѓаните за да го замени греењето на дрва. Не функционира ни ново градско претпријатие Градски енергетски системи, го нема ниту ветениот трамвај па после сменет во „брз автобуски систем“, ги нема најавените клучни сообраќајници кои требаше да го намалат загадувањето со побрзо движење на автомобилите.
-Трамвај, алтернативен јавен превоз, загадување… ништо од тоа не е реализирано. Ни сопирањето на енормното градење. Единствено нешто што е значајно направено е проширувањето на „Пластичарска“ улица, а и тоа беше на готов проект од неговиот претходник. Ништо не реализирал, оценка нула, смета скопјанецот Младен Дабески.
Обновата на горниот слој на асфалтот на повеќе градски улици во рамките на „градежната офанзива“ може да се смета како најнов завршен проект. Како направени проекти може да му се припишат и новиот стационар „Лајка“, нови велосипедски патеки и тротоарско зеленило, голема набавка на контејнери и на комунална механизација, завршување на булеварите „Карпош“ и „АСНОМ“, половина од „БИХ“, триесетина нови автобуси на гас, нови зелени површини како Ибни-пајко. Мичурин и други, уредување на терасата на ГТЦ и на вториот дел од градскиот плоштад, уредување на внатрешноста на Клиничкиот центар, нови патеки во Градскиот парк, кружен тек во Чаир, субвенции за велосипеди, за инвертори, печки на пелети, столпчиња на тротоари, почеток на новиот парк во Карпош 4, мост во Аеродром…
-Се додека не го реализира проектот за булеварот до Драчево за луѓето што живеат таму им треба еден час да стигнат до центар секој ден, не направил ништо. Секој од нив ветува пред избори после никаде ги нема, ни вели Петар Тофески.
Скопјанката Тања Георгиева – Ванчова, пак, е револтирана од новите цени на паркирањето и јавниот превоз.
-Дали покачувањето на паркингот му беше во програмата? Многу сум изреволтирана од новите цени. Немаме квалитетен и соодветен градски превоз. ЈСП е најужасен градски превоз, за жал, единствен. Знам дека обнови булевари, и со тоа ни ги замачка очите. Никогаш не спроведе контроли на што се греат во куќите кои се големи загадувачи, потенцира ова граѓанка.
Прашање е дали системот на новиот брз автобуски превоз ќе оди по нови сообраќајници кои им беа ветени на скопјани. На оној „комбиниран“ систем со вклучување на возови околу Скопје веќе и се заборави. Можат ли до крајот на мандатот да се направат тунелот под Кале, спуштена крстосница кај „Мавровка“, пешачка зона во Малиот ринг, нови мостови во Ѓорче Петров на „Илинденска“ и на „Љубљанска“, доградба на булеварите „Словенечка“ и на „Хрватска“, кружен тек во Сарај, … кои беа капитални сообраќајни проекти за кои се гарантираше дека ќе бидат направени. Сега, за тунелот се вели дека до крајот на следната година ќе може да почне градбата, а крајот не се ни надѕира.
Ќе се удираат ли на брзина „камени-темелници“?
Листа на проекти кои треба да се направат до крајот на мандатот воопшто не е мала. Тука се: Гасификација/Комбиниран градски превоз/Град без смог/Тунел под Кале/Универзална сала/Ревитализација на Треска/Функционален кеј/Две нови гимназии/Пешачка зона Мал Ринг/Зелен коридор Серава/Пошумување на Водно/Уредување на Аквадуктот/Луна парк/Спуштена раскрсница кај „Мавровка“/Колекторски систем/Централен сервис за комунални проблеми/Зелени покриви и вертикално зеленило/Нов мост во Ѓорче Петров на „Илинденска“/Продолжување на „Љубљанска“ со мост/Доградба на „Словенечка“ и на „Хрватска“/Кружен тек во Сарај/Натпатник „Алкалоид“/Монтажни паркинзи на Џон Кенеди“ и „Чаирчанка“/Овошје во школи/…
-Она што е ненаправено за уште 10 години не може да го постигне, а не до крајот на мандатот. Со вакво темпо, како што прави, ќе биде научна фантастика. Малку се преценил, потенцира скопјанецот Петар Тофески.
Граѓанинот Тимор Цановски ни рече дека причината за нереализираните проекти треба да се бара и во кругот на соработниците.
-Шилегов направи погрешна кадровска политика. Сите кадри, директори, се неадекватни за функциите што ги водат. Оттука произлегува неуспешноста и нереализираните проекти. Скопје заслужува многу повеќе. Ако ме прашувате за оценка од 1 до 10. Јас би му дал 3, вели овој граѓанин.
Има и граѓани кои позитивно гледаат на работата на градоначалникот, но сепак укажуваат дека програмата му беше преамбициозна.
-Програмата му е се чини преамбициозна за еден мандат. Многу од проектите се врзани еден за друг па не може да се реализираат паралелно туку мора еден по еден. Позитивно е што градоначалникот се зафати со реализација на битни сообраќајници. Задоволен сум со развојот и на вело-патеки и уредување јавни простори и парковски површини. Не е доволно, никогаш нема да биде, ама би дал позитивна оценка, рече скопјанецот Филип Трајковски.
Останува да се види дали на Шилегов ќе му дојде во помош и Дедо Мраз, па заедно некако да се обидат да ги остварат неговите ветувања.
Треба само да престанат да се градат згради
Скопјанецот Гоце Алексов е меѓу оние кои сметаат дека градоначалникот недоволно сработел.
-Тој работи нешто, но не е доволно. Ако направил нешто ќе се види. Во Скопје не треба работа туку само градоначалниците да престанат да градат згради. Мене најголем проблем во градот се доселувањето и градбата, категоричен е овој граѓанин.