Телевизијата да не го замени скапоценото животно искуство, дружење и читање

Би препорачала дека не треба премногу да се гледаат политичките емисии, кои во целата оваа зовриена состојба создаваат голема нервоза…

 Филмската критичарка Сунчица Уневска смета дека граѓаните дел од своето слободно време треба да им го посветуваат на телвизиите само тогаш кога на програмите има нешто што ќе ги исполни и ќе ги мотивира.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

Како прво, би почнала со антиреклама, шегата настрана, но навистина телевизија треба да се гледа што помалку. Не само затоа што кај нас е преплавена со политика, туку и воопшто. Телевизијата е навистина силен медиум и умее така да се наметне, па секогаш сакате да видите што следи, многу често знае да биде и замена, а и причина за да се одложуваат обврските. Мишел Обама има изјавено дека кога била млада нејзините родители и ограничиле дека дневно телевизија може да гледа само половина час. Тоа би била и мојата препорака, да не го замени телевизијата скапоценото животно искуство, дружење и читање. А на телевизија да се гледа (во ограничени количини) само она што не исполнува и мотивира.

Што сметате дека граѓаните би требало да избегнуваат и да го сменат каналот?

Се зависи за која популација зборуваме. Кога станува збор за младите мислам дека они и онака слабо ги гледаат македонските телевизиски канали, повеќе следат што има на интернет и на стриминг-сервисите. И тоа е добро, многу подобро од секојдневната телевизиска шема. А кога се работи за повозрасните, исто така, би препорачала дека не треба премногу да се гледаат политичките емисии, кои во целата оваа зовриена состојба создаваат голема нервоза. Искрено, како филмски критичар, не би ги препорачала ниту сериите што секојдневно се прикажуваат на македонските канали, иако се доста гледани, но барем денеска има голем избор на канали кои нудат интересни документарни емисии, па и серии, но далеку поквалитетни и поинспиративни.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

Факт е дека кога правите емисија, па дури и било каква друга содржина на друг медиум, а која им се нуди на гледачите или на читателите, мора да биде во склад со времето и со интересите на луѓето. Имаше порано, а и денеска на некои телевизии интересни и важни културни содржини, но кои, за жал, беа и се многу малку гледани. Важен е контекстот. Моето искуство како дневен новинар ме научи дека емисијата би морало да ги има и двете страни, и квалитет, но и она што е актуелно. Секако, дека мојата емисија би била посветена на култура, но на поинаков начин, со теми земени од секојдневието и секогаш со многу интересни соговорници, бидејќи она што се нуди мора да е провокација и мора да е доживеано.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

Искрено, не гледам толку многу телевизија, но од она што го гледам Скопје не е воопшто застапено како новинарска тема. И кога го има, го има во сосем друг контекст. Порано имаше убави емисии како хроники на градот, па и музички емисии ставени во одреден контекст, кои низ песните зборуваа за градот. Потребни се емисии што на различен начин ќе го третираат градот и од различен агол, бидејќи мислам дека многу малку го знаеме градот во вистинската смисла на зборот. Познавањето на градот, на неговата историја и сегашност е многу важно за граѓаните, бидејќи го носи чувството на припадност, кое ве тера да размислувате како нештата да бидат подобри.

Претходна вестСообраќајка предизвика прекин на автопатот Велес – Скопје
Следна вестИ Дедо Мраз да му помага Шилегов нема да оствари ни третина од ветеното, му останаа уште 10 месеци мандат