Лажни се денешните дојави за поставени бомби во девет средни училишта и во Народната банка на Македонија, соопшти полицијата.
Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје и НБРМ, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа.
-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, се наведува во соопштението.
Денешната закана за бомба во Народната банка се случува по првпат во една државна установа.