Македонците го слават Св. Климент Охридски самостојно, достоинствено…

Во пресрет на утрешното чествување на Св. Климент Охридски, денеска познатата историчарка Наташа Котлар објаснува зошто Македонците самостојно и достоинствено го чествуваат светецот и неговото големо дело. Професорката во текст, пред малку објавен на Фејсбук, објаснила: „ Неговата мисија на македонска почва, особено изразена преку Охридската книжевна школа и глаголочното писмо, резултирала со силна културна и духовна мобилизација на македонското население. Културното соперништво помеѓу Охрид и Преслав мошне илустративно е прикажано во делото на анонимниот автор Црноризец Храбар „За буквите“, каде што во исклучително остар полемичен тон се истапува во одбрана на глаголицата во Македонија како изворна кирилометодиевска традиција“.

Во продолжение го објавуваме целиот текст на професорката Котлар:

На денешната заедничка прес-конференција на министрите за надворешни работи на Бугарија и на Северна одржана во рамки на бизнис форумот „До една милијарда и понатаму“ која се одржува во Скопје (прости им свети Клименте, што те спомнуват, баш таму), Бујар Османи посочи дека „заслугата за ова заедничко чествување на св. Климент е на македонско-бугарско историската Комисија.“

Во оваа смисла, тој зборува и за работата на северната група преговарачи, онаа форсираната комисија, која, по сите стандарди на научната и образовната работа е нелегитимна и нелегална! Онаа политичко-партиско-филска комисија и финансиски мотивирана (од народни пари), што го бугаризира македонскиот среден век – Кирил и Методиј, охридските Климент и Наум, Самуил, без да го одбрани со научни аргументи, а го дознавме тоа пред четири месеци?

Дејствијата на оваа политички поставена Комисија на преговарачи, се директно против колективната меморија на македонскиот народ и целокупната македонска академска историографија, која има суверено право научно да ја проучува националната историја.

Но, за споменативе, северни – министер и комисисти, народот смислил една мудрост: „Насилникот ќе пропадне поради силата и вообразеноста, лакомиот поради парите, а покорните ќе пропаднат служејќи им!

Во однос на најавеното „за прв пат“ заедничко честувањето, накратко ќе истакнам дека за нас Македонците, СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ е значаен светителски и народен заштитник , духовна и историска личност, значајна за македонскиот духовен и културно-историски идентитет! Неговата мисија на македонска почва, особено изразена преку Охридската книжевна школа и глаголочното писмо, резултирала со силна културна и духовна мобилизација на македонското население. Културното соперништво помеѓу Охрид и Преслав мошне илустративно е прикажано во делото на анонимниот автор Црноризец Храбар „За буквите“, каде што во исклучително остар полемичен тон се истапува во одбрана на глаголицата во Македонија како изворна кирилометодиевска традиција.

Климентовата дејност, поттикнала тенденции за независна политичка, религиска и културна репрезентација на пошироките интереси во рамките на Македонија, како обединувачки етнички и географски именител. Затоа ние, Македонците, за разлика од северната власт, го чествуваме СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, самостојно, ненаметливо и достоинствено! Нека е за многу години!

 

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Пристигнаа ли автобусите од бугарскиот превозник на кој Арсовска и Ковачевски ќе го дадат превозот?
Следна вестИ денешните дојави за бомби во училиштата и Народната банка лажни