И овде има успешни изуми: Хиперсоничните ракети се поспори од цените во Македонија

Колку ли денеска ќе чини лебот, млекото, маслото, брашаното… која ли цена ќе не пречека? Ова е прашањето кое деновиве си го поставуваат граѓаните пред влегувањата во маркетите за да купат основни животни намирници. 

Од почетокот на месецот сме сведоци на вистинското цунами кај цените. Силно ги празни тенките паричници на најголемиот дел од населението. За производителите и трговците доволно беше да се врати стариот процент на ДДВ од нула на пет отсто, да престане да важи одлуката за замрзнати маржи за цените да отидат многу, многу угоре.

-Испадна дека хиперсоничните ракети на Русите се поспори од македонските цени на прехрамбени продукти кога се вивнуваат во височините. Нашите трговци испаднаа појаки експерти за постигнување големи брзини, ни истакна еден аеродромец, потенцирајки ни дека неговата шега е од мака и дека е разочаран од многу трговци кои ја злоупотребуваат кризатата за екстра богатење.

Дури и вицепремиерот Фатмир Битиќи посведочи дека се случувале маниупулации.

– Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител, изјави вчера Битиќи.

А колкави маржи биле вградувани во други намирници кои драстично поскапеле ќе покажат инспекциските контроли. Односно, ќе се види дали беше оправдано поскапувањето на маслото за јадење до 25 денари, на шеќерот до 8 денари, на лебот од 8 денари, брашното и млекото до 9 денари, оризот до 7 денари, гравот до 10 денари... Тоа се зголемувањата од по 10, 20, 30 проценти во однос на досегашните цени, што е значително повеќе отколку што официјално изнесува стапката на инфлација.

Зошто ова надлежните институции не го пресретнаа?

Да, сега властите најавија дека деновиве ќе се знаат и оние трговци кои на таков начин манипулирале со цените. Ќе успеат ли тоа да го направат посеопфатно?

Ваквата стихија со цените од која најмногу губат граѓаните требаше да се предвиди и да се спречи од надлежните. На граѓаните мала утеха им е во тоа што сега по маркетите ќе одат инспекциите кога тие веќе беа принудени да платат за некои производи преголема и неоправдана цена. Зошто не останаа во сила одредени мерки во однос на висината на маржите? Ако досегашната одлука за замрзнување на маржите на 10 проценти беше спорна за трговците, можеби таа можеше и да се покачи за некој процент. Но, сепак да има одреден плафон за да не се случи тоа како во примерот со цените на тестените да изнесува дури 72,5 проценти!?

Радарот на властите – инспекциите ќе ги лови ли ваквите ракети?

Претходна вестВучиќ: Нашето одбивање да бидеме дел од глутницата некому предизвикува главоболка
Следна вестБилетите за Грузија и Гибралтар по цена од 250 до 350 денари