Владеачкото мнозинство во Собранието денеска не го изгласа предлог-законот поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и колицијата за продолжување на важноста на пасошите со име Република Македонија до крајот на годината. Пратениците на СДСМ, ДУИ и на НСДСП денеска во Собранието гласаа против ваквата иницијатива при што „против“ гласаа 54 пратеници, а „за“ предлогот 46 пратеници.
Со ваквата одлука продолжуваат проблемите за повеќе од 650.000 македонски граѓани во земјава и во странство коишто се уште не успеале да извадат нови патни исправи со новото име на државата. На овие граѓани коишто живеат во Македонија и во земјите во странство сега им е ограничена слобода на движењето, инаку, гарантирана како нивно уставно право.
Веста за ваквото изјаснување во македонскиот парламент на социјалните мрежи ја споделија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки и Антонијо Милошоски. Ковачки објави дека пратениците на ДУИ и од СДСМ дополнително ја влошија состојбата која свесно и намерно ја создадоа со пасошите.
-Нашиот предлог-закон за измени и дополнувања со кој баравме да се продолжи рокот на важење на пасошите издадени со име Република Македонија, а кои имаат важност, беше одбиен од тие што го создадоа проблемот. Одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе пресрет на сопствените граѓани кои ги изолираа од останатиот цивилизиран свет е невиден феномен посебно имајќи во предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да отпочнеме преговори со Европската Унија. Во 21 век, да ограничувате слобода на движење на луѓе, да кршите уставни права за влез и излез од сопствената држава, свесно да оневозможувате право на лекување на болни надвор од нашата држава, да го ограничувате правото на секој да може да бира и да биде избран се граничи со лудост…, порача Ковачки.
Милошоски, пак, на Фејсбук напиша дека СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило илјадници македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење.
-Бранејќи ги грешките на Оливер Спасовски, пратениците на СДСМ, ДУИ и НСДП гласаа против законот за продолжување на важноста на пасошите издадени од МВР на Република Македонија. Со ова, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија…, напиша Милошоски на Фејсбук.
Инаку, минативе денови челниците на владина коалиција порачуваа дека измените на законот не се можни бидејќи со тоа ќе се прекрши меѓународниот договор со Грција и ќе го нарушело меѓународниот углед на земјата.