И со негативен тест задолжителен е 14-дневен карантин по влез во Македонија

Министерството за внатрешни работи соопшти дека при влез на наши граѓани во Maкедонија, како и на странци, но само со регулиран престој во државата, задолжително е на граничниот премин да биде приложен направен валиден PCR-тест не постар од 72 часа, кој е негативен.

Потоа на граничниот премин потпишуват изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена. Врз основа на потпишаната изјава, од страна на овластени претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат им се изготвува решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, а од припадници на МВР се врши контрола на спроведувањето на решението.

Оние, пак, наши граѓани или странци со регулиран престој во земјата, кои при влез нема да приложат валиден PCR-тест или ќе приложат невалиден PCRтест, од граничниот премин со превоз организиран од Владата или со сопствен превоз,  со придружба од страна на припадници на МВР, ќе бидат спроведени во државен карантин.

Во текот на денот се организира превоз од граничен премин до државен карантин во два наврата, и тоа во 10 и во 20 часот. Граѓаните ќе останат во државен карантин 14 дена.

Исто така, доколку  граѓаните сакат да им се направи тест, на нивно барање им се овозможува од страна на овластена институција во најкус рок да им се направи тест. Оние граѓани на кои направениот PCR-тест им е негативен потпишуват изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена, при што се засметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат карантинот и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава.

Доколку граѓаните не сакаат да им се направи PCR-тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок, од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.

Претходна вестСе засадија 55 дрвца во Карпош, а кога ќе никнат потребните 5.555 во Скопје?
Следна вестЌе воведе ли Владата полициски час од четврток вечер до понеделник за Скопје, Куманово, Штип…?