И тие што не одат на работа, а земаат плата, да влезат во Уставот

Прекубројната државна администрација е како камен околу вратот на Македонија. Уште еден тежина се и многубројните вработени во општините.

-Барем да работат како што треба, за да видиме придобивки од она што скапо го плаќаме, е еден од многуте коментари на македонските граѓани.

И дека коментарот дури и не е премногу остар посочува и ова: Во Германија возеле камиони, а од скопската „Комунална хигиена“ редовно си земале плата и не доаѓале на работа. Ваков скандалозен случај деновиве на јавноста и го открија скопската градоначалничка Данела Арсовска и директорката на ова градско претпријатие Косана Мазнева – Николиќ како дел од расчистувањето со внатрешните проблеми.

Страшно. Нечесно за работниците кои работат. Нефер за сите кои чесно плаќаат даноци од кои плата земаат неработниците.

Дали ваквата пракса којашто, очигледно, била нормална во ова градско претпријатие со повеќе од 1.300 вработени, постои и во други државни претпријатија и институции? Пред неколку години јавноста се скандализира кога се дозна дека неколкумина вработени во државни служби си заминале да војуваат во редовите на Исламска држава во Сирија, а се уште останале вработени. Сега, пак, трендот стана да се оди на сезонска работа во Германија, Италија, Швајцарија… при што се заработуваат солидни плати, а работни места во Македонија „мируваат“. Гаранти за тоа, извесно, се оние кои таквите „сезонци“ ги примиле на работа (читај политичарите), кои им дозволуваат да си замина,т а да останат на платен список во претпријатието, кои замижуваат пред тоа дека не доаѓаат на работа… 

Ваквиот случај од „Комунална хигиена“ треба да се расчисти до крај. Меѓутоа, тука не треба да се застане туку расчистувањето да ги опфати и сите други државни фирми и институции кадешто постојат макар и најмали сомневања дека има вакви злоупотреби. Државата на својот платен список има цела армија од околу 130.000 вработени којашто никако да се намали за да биде примерена на потребите на нашата држава со 1,8 милион жители. Јавноста се уште не знае дали оние неколку илјади „рамковни“ административци коишто дома со месеци и месеци си чекаа распределување во некоја државна служба, се и распределени и работат нешто конкретно? Да не збориме за оние државни служби кои и онака имаат преголем број на вработени… 

Ќе се распистат ли овие работи? Или власта сега е зафатена со најважното прашање – да се смени уставот?

Ако не па, и неработниците да ги стават во највисокиот правен акт и да си знаеме дека се недопирливи.

Претходна вестЕкс-министерот за правда Маневски поднесе кривична за пет лица во случајот „Бехтел и Енка“
Следна вестФон дер Лајен: Импресивно е да се види како Украина се реформира