И црвената и сината партија ни подметнуваат „судбина“ со соседот

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Повторно ништо ново за „Северна“ од јужниот дел на Балканот. Политичките новости кои ни доаѓаат од источниот сосед и не се нешто ново, што значи, сè ќе си биде како и порано! Ќе продолжи циркусот за „заедничка историја“ во изведба на бугарските, западноевропските и северните политичари.

Повеќе им долукува определбата – циркузанти. Но, тие ќе продолжат ни ги дразнат мозокот и сетилата сè додека не ја издигнат синтагмата – „заедничка историја“ на степен на единствена, неотстаплива „вистина“. Особено ова е насочено кон македонската народна, општествена и научна јавност. Која пак, според нив, е виновна заради историското паметење на повеќевековната борба и создавањето  на македонската држава во одредено време и простор.

Прогласувајќи ги со леснотија, осумдецениското истражување и научната дејност за „погрешно толкување на историјата!“ Неверојатно и без преседан, но реално! Оваа содржина ја поддржува и надворешно-политичкиот фактор, поаѓајќи од своите интереси.

Но, пострашно е што ова ни е „судбина“ која ја подметнуваат македонските политички претставници, веќе 22 г. (1999), користејќи ја позицијата на власт за лични, па и нека бидат и групни, добивки и погодности. Затоа и тогаш и во 2017 г. не е дефинирано основното значење, суштина, па и време на синтагмата „заедничка историја“. Во матно подобри се лови, нели!

Работава е уште поинтересна, со оглед на тоа што во македонски прилики и кога е црвената и кога е сината партија на власт ова „кукавичко јајце“ политички го милува и одгледува!? Затоа е и целата циркуска парада од некогашни премиери, министри, советници и други ренегати, заедно со сегашниве исти такви, се впрегнале да ни го одземат суштинското, убедувајќи нè дека нашиот здрав разум, не е модерна работа! Ние сме анхрони, несфаќајќи ја „разумната размисла“ на „хипермодерните“ проповедници за „заедничка историја“ заради „заедничка иднина“ или пак најновото од северниот премиер за „два различни народи со заедничка историја во еден период“!

И повторно, нема суштински определби на искажаните термини! Но, едно е јасно, во услови на постоечкиот северен, авторитарен систем, политичката моќ е онаа која создава вистини во сите области на човечката активност!

Излезот од ова е во упорното и творечко македонствување на сите нас што си ја сакаме нашата земја и нашата историја!

 

 

Претходна вестРусија го крши мразот, се одигра фудбалски меч со 32.000 публика
Следна вест1.720 пациенти се лекуваат во ковид-центрите низ Македонија