Увоз на работници од Бангладеш, Пакистан, Непал… Ова е „рецептот“ со кој министрите планираат да го надоместат сегашниот недостиг на околу 10.000 работници во Македонија. Морало да се помогне на стопанството, фалела работна сила.
Градежништвото, текстилната индустрија, угостителството… се области каде работниците најмногу недостасуваат. На огласите не се јавувал никој. Во таква ситуација власта веднаш посегнаа по можноста во Македонија да се ангажираат работници – мигранти од земјите каде имаат значително пониски плати од македонските.
-Се прават обиди да се обезбедат работници од други земји без оглед од каде доаѓаат, објасни деновиве министерот Фатмир Битиќи.
Зошто министрите веднаш тргнаа во барање на работници од странство? Имаше ли власта друг начин да реагира со цел да се стимулира вработување на домашното население? Како се обидува ли да го задржи сопственото население во Македонија?
Имаме и прашање до директорите на фирмите кои кукаат дека нема работници: Како до сега ги привлекуваат домашните невработени лица? Да не претеруваат со прениски плати, а многу од фирмите се доходовни и можат да дадат повеќе?
Многу прашања се редат. Многу дилеми постојат за решавање – има многу ризици дека странските работници тука би се задржувале само по неколку месеци, а потоа би продолжиле кон западноевропските земји. Пак ли нови ќе донесат? Во меѓувреме македонското население ќе си го фати патот кон странство.
А ако веќе запнале да носат странска работна сила еве уште еден предлог каде треба работници: Во македонската влада. Таму многу слабо се работи, таму требаат попродуктивни лица, таму има недостиг на добри и ефективни работници, таму работните резултати не се добри и таму има потреба од кадровски освежувања оти партиските кадри се веќе „преморени“ од работа.
И онака Македонија насекаде се фали дека е лидер во светот по „мулти-култи“, баш би и покажале на целата планета како треба – дајде да увеземе министри и директори од Непал, Бангладеш, Пакистан…
Работата сигурно ќе тргне на поарно, а и увезените лица ќе се далеку поевтини и плус не знаат како се „работи по македонски“ со тендери, за патни трошоци, за…