Со конституирањето на новото владеачко мноизинство не изостанаа ниту пораките за единство, заедништво, рамноправна положба и помирувањето меѓу граѓаните од различни политички опции. Тоа е добро, тоа и треба на Македонија.
Зоран Заев веднаш по договорот за новата коалиција со лидерот на ДУИ потенцира дека ќе се продолжи да се гради „Едно општество за сите“, дека се потврдува рамноправноста на граѓаните и кохезијата во заедничката држава.
-Ги повикувам сите граѓани да се ангажираат двојно повеќе за да како држава добиеме двојно повеќе, потенцира синоќа Заев.
И шефот на државата Стево Пендаровски на прославата денот на АРМ го потенцира значењето за заедништво, како и тоа дека сите граѓани да бидат еднакви пред законот.
-Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива, рече тој.
Ова е нова серија на изјави кои македонските граѓани ги слушаат по секои избори, при значајни празници. Но, сепак, поделбите, политички реваншизам, маргинализирање на оние што мислат спротивното… остануваат во праксата. Дали така ќе биде и сега откако новата власт ќе ги преземе сите функции?
Досегашните искуства покажуваат дека пораките за помирување и единство меѓу граѓаните брзо се забораваат. Односно, дека се кажуваат само формално во ситуација кога граѓаните се поделени во ставовите за најразлични прашања во државата. Поинакви мислења од оние на владеачката коалиција се игнорираат, не се прифаќаат предлозите на опозицијата, во парламентот не се прифаќаат макара и минималните амандмани на законите кои ги поднесуваат оние кои не се дел од власта…
-Нема потреба од многу зборување за заедништво ако по зборувањето работиш да го снема политичкиот неистомисленик. Ако тераат се само по свое, а заборават дека огромен дел од народот гласал за друга опција и има други очекувања, тогаш ништо од заедништвото, ни прокоментира аеродромецот Андреј.
А изборите покажаа дека граѓаните во голем број поддржуваат и спротивно мислење – зад коалицијата на СДСМ застанаа околу 327.000 граѓани, зад онаа на ВМРО-ДПМНЕ околу 315.000. Значи, ако на новата власт навистина и е до заедништвото, сплотувањето и до рамноправноста на граѓаните предвид во секоја ситуација треба да се земаат и мислењата на граѓаните кои мислат поинаку. Има начини на кои тоа може да се направи и во стуација кога новата власт сака да го спроведе она што го ветила на избирачите.
Здравствената криза со корона-вирусот, лошата економска сосотојба, кризата со образованието, сиромаштија на граѓаните, подостоинствената надворешна политика… сето тоа се проблеми и потреби кои во државата мора заеднички, а не еднострано да се решаваат. Предлозите од секоја страна се добредојдени и не треба да се отфрлаат ако доаѓаат од редовите на опозицијата оти само на таков начин граѓаните ќе се убедат дека се сака и работи на заедништвото, помирувањето и сплотувањето во државата.