И здруженија по природни науки и пишаа на Царовска: Реформи во основното образование не смее да се прават набрзина

Реформи во основното образование не смее да се прават набрзина и неопходно е да бидат вклучени стручни лица за образование по природни науки, соопштија денеска членовите на Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите и Македонското биолошко друштво, во писмото до министерката за образование и наука Мила Царовска.

-Имајќи ја предвид нацрт концепцијата за основното образование даваме поддршка на предложениот континуитет на изучување на природни науки согласно светските стандарди. Меѓутоа, сметаме дека предложената интеграција на наставните содржини во еден предмет – Природни науки е корисна и соодветна за возраста на учениците до VI одделение, додека во погорните одделенија треба изучувањето на трите природни науки да се реализира во одделни научни дисциплини, запазувајќи го принципот „од општо кон конкретно“, се наведува во реакцијата.

Членовите на овие друштва од природните науки велат дека иста забелешка имаат и на предвидената модуларност во наставните програми по природни науки и со што ќе се појават низа проблеми.

-Не се наведени часовите по соодветните модули? Токму ова е еден од главните проблеми за предметните наставници; Како ќе се дефинира оценувањето на секој ученик, особено во завршните години од основното образование? Не е коректно да се очекува подеднакво напредување и усвојување на знаењата кај секој ученик од трите области (на пр. физика, хемија и биологија), со кои за прв пат ќе се сретнат во форма на засебни дисциплини на самиот почеток од средното образование, се наведува во обраќањето.

Како реално неприменливи во училиштата се наведуваат решенијата:

– Наставата по предметот Природни науки ќе мора да се распредели на наставниците по биологија, физика и хемија, но тоа ќе биде невозможно без јасна поделба и дефиниран број и распоред на часовите за темите од секоја одделна дисциплина.

– Во Концептот, во делот за изборни предмети: не е наведен како опција ниту еден предмет од областа на природни науки. Наше убедување е дека во оваа група треба да влезат изборни предмети од областа на природните науки. Предложено е некои изборни предмети да бидат предавани од наставници кои имаат одредени афинитети или хобија во дадени области, што сметаме дека дополнително ќе го наруши кредибилитетот и позицијата на наставникот во општеството, доколку ваквите предмети ги предаваат наставници кои немаат познавања од методиката, дидактиката и педагогијата од дадената област.

На министерката ѝ се укажува дека од недоволно осмислена реформа се прават повеќе штети отколку што има добивки и дека досегашната историја на избрзани промени во образованието доведе до негативни влијанија врз знаењата на учениците особено од областа на физиката, хемијата и биологијата.

-Неопходно стручни и компетентни луѓе од сите области да бидат вклучени во изработката на конечната форма на Концептот, за да може потребната реформа да ја постигне целта – осовременување и унапредување на образовнио систем кој ќе продуцира образовани и успешни генерации, пишува на крајот од писмото, кое го пренесува порталот МКД.мк.

 

Претходна вестСтрушко возило повреди две деца во Охрид
Следна вестГруевска – Маџоска: Голема реформа во основното образование не се прави без консултација на научната фела и тоа институционално