Груевска – Маџоска: Голема реформа во основното образование не се прави без консултација на научната фела и тоа институционално

Со професорката Симона Груевска – Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ зборуваме за најавените промени во основното образование, грижата за македонскот јазик, бугарското оспорување на македонскиот идентитет…

Вие реагиравте во јавноста на најавата дека предметот Историја ќе се претопи во предметот Општествени науки (покрај другите предмети). Зошто е тоа лошо и погрешно?

Прво, ваква голема реформа во основното образование не се прави без консултација на научната фела, и тоа институционално, не преку лични контакти или по партиска линија. Второ, процесот беше целосно нетранспарентен, поточно случајно разбравме. Ова нè потсетува на периодот кога се носеше Законот за високото образование на исто таков начин, поради што се формираше Студентскиот пленум, па потоа и Професорскиот пленум како поддршка за студентите. Мислев дека ќе се престане со таа практика на нетранспарентност и работа со одбрани, политички подобни експерти, но сум се излажала. Трето, историјата е хуманистичка наука, а не општествена; четврто, нема соодветен наставен кадар кој би можел да држи таков предмет (истото важи и за предметот Природни науки) и петто, невозможно е да биде успешна реформата за толку кратко време ‒ да се напишат нови учебници и да се оспособи наставен кадар за да почне од наредната учебна година.

Министерката за образование тврди дека промените се потребни за учениците помалку да учат факти, а повеќе да размислуваат…

Да, промени се потребни, но не вакви и не на ваков начин. Прво, се кажа дека реформата била според моделот на основно образование во Финска, но гледаме дека тоа не е точно. Имено, во Финска постои посебен предмет Историја. Второ, ние сме на дното на писменост и сега сакаме директно да ги копираме најдобрите, кои тоа станале по години добра стратегија и работа. Тоа не може да се постигне преку ноќ, особено земајќи го предвид лошото водење од страна на МОН кое трае со години. Таква бомбастична реформа беше програмата Кембриџ и не беше ефективна. Да бидеме малку реални и поскромни и чекор по чекор, со добар план, кој ќе вклучува соодветно оспособување на наставниот кадар и подготовка на наставните програми и учебниот материјал, да го подобруваме образованието, и не само основното туку и средното и високото. Се менуваат министри, се менуваат партии и секој сака одново да почне. Тоа не може да донесе успех.

Врзано за ветото на Бугарија, што е во заднината на ова, дали нашите владини претставници доволно и добро го штитат нашиот македонски идентитет?

-Со потпишувањето на Преспанскиот договор, се отвори вратата за нови барања од Република Македонија, и тоа не е изненадување. Затоа и реагиравме тогаш, зашто знаевме кон што ќе нè доведе тој договор. На сите навреди, декларации, манифести, дообјаснувања од бугарска страна, нашите институции не упатија ниту една протестна нота. Како граѓанин сум особено навредена од однесувањето на политичките елити кои очигледно повеќе ги штитат туѓите интереси отколку нашите. Како и да е, го добивме ветото, за што исто така требаше да бидат подготвени нашите државници. И сега сме немале план Б. Во секоја функционална држава, за ова треба некој да преземе одговорност.

Ниту една комисија и ниту една власт нема мандат да преговара за идентитетски прашања. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за што не смее да има никакви преговори, ниту се услов за членство во ЕУ. Еве видовме како реагираат држави на такви нешта, мислам на Чешка и Словачка. За такво нецивилизирано и насилничко однесување треба да има најостра осуда. И нема да споменувам европски вредности, туку ќе кажам дека се тоа цивилизациски вредности од кои нема отстапување. Според тоа, ако Република Бугарија не попушта во своите барања, сметам дека треба да се замрзнат преговорите. И така на сите ни е јасно дека следните дваесет години нема да влеземе во ЕУ.  

Дали државата води доволно грижа за македонскиот јазик, во какви услови работи Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со какви се проблеми се соочувате?

Државата не води доволно грижа за македонскиот јазик и тоа трае повеќе од една деценија. Ми се чини дека и нема некаква стратегија за негова афирмација на меѓународен план, како и дома. Лекторатите еден по еден полека згаснуваат, нема доволно вработувања на млад кадар и со тоа македонскиот јазик како професионална определба е сè понепривлечен. Законски, секаде би требало да бидат вработени лектори зашто ниту еден текст не смее да се објави без професионална лектура, но гледаме дека во практиката тоа не е така. Затоа и паѓа нивото на јазичниот израз почнувајќи од медиумите, преку јавните личности, па сè до објавените книги, учебници, списанија и сл. Секоја чест на исклучоците.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во последно време има подобри услови за работа, во смисла на информатичка опрема, на пр., што пред некое време беше голем проблем. Но, состојбата со она што е основна дејност на Институтот, а тоа се научноистражувачките проекти, не е сменета. Проектите не се финансираат од МОН, немаме средства за набавка на странска литература, ниту пристап до базите (што е случај и со другите научни институции, не само со Институтот) и немаме подмладок веќе 20 години. Со оглед на фактот што научен кадар не се создава преку ноќ, состојбата е алармантна, зашто веќе сите сме близу или над 50-годишна возраст.

Претходна вестИ здруженија по природни науки и пишаа на Царовска: Реформи во основното образование не смее да се прават набрзина
Следна вестХоспитализирани нови 22 лица во скопските ковид – центри