Пановски: Можеби е подобро во првата фаза да се вакцинираат 800.000 лица со една доза, наместо 400.000 лица со две дози  

Само уште два месеци трпение, ако успееме со дисциплина, ќе минеме со помалку жртви во борбата против корона вирусот, смета познатиот микробиолог Никола Пановски. Тој порачува дека надлежните власти треба да размислат и за масовно вакцинирање со една доза со цел побрзо да се создаде колективен имунитет.

Во последниот период забележително е намалување на бројот на новозболени па и починати лица, и зголемување на бројот на оздравени од корона вирусот. Дали се работи само за тренд или…

Да, секако ова беше тренд, намалувањето почна од средината на декември, а заврши некаде околу Божик, факторот на репродукција изгледа дека е повторно околу 1 или нешто помал, односно намалувањето стагнира, но е на едно пониско ниво, односно наместо 1000 дијагностицирани дневно, сега се околу 400 до 500, процентот на позитивни во однос на вкупно тестираните исто така е под 20 отсто, а беше долго време над 30 проценти и конечно бројот на починати е меѓу 10 и 15, а беше 20 до 30 дневно. Бројот на активни случаи е исто така преполовен, а и бројот на хоспитализирани. Ова според мене е резултат на два моменти. Првиот е, конечно освестување на поголем број од населението или можеби стравот од болеста, поради големиот број на болни и починати. Нема семејство кое не настрадало на некој начин од болеста, сите знаеме за блиски, но и познати јавни личности кои ја загубија битката со болеста. Тука помогнаа конечно и религиските лидери кои апелираа на почитување на мерките, а и полицијата и инспекторите работеа посериозно.

Вториот момент е создавање на колективен имунитет. Би рекол дека тој кај дел од населението е воспоставен, во некои населени места, кај младите лица, кај оние кои не ги почитуваа мерките и се собираа за забави, оние кои според природа на работата беа поизложени, оние кои користеа јавен превоз итн. Сега, помеѓу тие лица болеста се шири потешко, останатите кои се кријат и штитат веројатно се уште се во голем ризик да се инфицираат ако се опуштат.

Дали е можен некој нов пик на болеста, некое ново зголемување на бројот на новозаразените ако, на пример, дојде и тука мутацијата на вирусот?

Секако дека олабавување на мерките ќе придонесе до зголемување на бројот на новоинфицирани, особено што кога и да е, мутираниот вирус ќе дојде и кај нас. Затоа е многу важно, тој мутиран вирус, кој се шири полесно, така што полесно и поцврсто се лепи за нашите лигавици, пред се на носот, да го дочекаме со низок број на хоспитализирани, по можност и со што поглем број на вакцинирани.

Дали се опуштаме предвреме, дали многу се олабавуваат мерките со угостителски објекти? Какви мерки треба да останат на сила?

На пример продолжување на работно време на угостителските објекти е економска мерка, која негативно ќе влијае на епидемијата кај нас. Не е оправдана од здравствен аспект. Се надевам дека нема да биде пик, туку бројот на новоинфицирани нема да се намалува или побавно ќе се случува тоа, под услов сите останати мерки да останат на сила, барем уште два месеци. Кога ќе затопли времето луѓето ќе излезат надвор и тогаш вирусот потешко се шири, а ќе биде, се надевам во замав и вакцинацијата. Значи само уште два месеци трпение, ако успееме, ќе минеме со помалку жртви.

Дали вакцинацијата ќе помогне многу? Кој се треба да се вакцинира? Треба ли да се врши проверка дали некој има антитела за да се види дали треба да прими вакцина или не? До каде сме со колективниот имунитет?

Се надеваме дека вакцината ќе помогне во конечното и побрзо завршување на пандемијата, која потоа според мене би станала ендемска болест, слична на грипот. Треба да се вакцинираат сите кои се изложени на зараза заради својата работа: здравствени работници, полиција, новинари, трговци, возачи и таксисти, наставници, негуватели, потоа сите над 30 годишна возраст, со приоритет на највозрасните, прво над 80 години, па надолу. Оние со хронични болести исто така се приоритет. Проверка на антитела е скапа и непотребна метода за да се изведува на сите 1,2 милиони кои треба да се вакцинираат. Можеби само кај оние кои прележале некоја инфекција, а немаат доказ дека бил ковид. Значи, по мене, во овие 1,2 милиони лица, кои би се вакцинирале, не би требало да влезат помладите од 30 години, оние кои сигурно прележале ковид и оние кои од разни здравствени причини не смејат да ја примат вакцината. Интересно е да се види колкав ќе биде бројот на антиваксерите кој нема да ја примат вакцината, од што во голема мерка ќе зависи и траењето на пандемијата.

До каде сме со колективниот имуните? Според некои математички модели, ние во државава имаме 900.000 лица кои биле во контакт со вирусот од кои кај само 90.000 тоа е потврдено. Тоа е премногу оптимистички, но секако дека најмалку 300.000 лица биле во контакт со вирусот и стекнале имунитет. Тука може да се додадат уште едно 10 отсто или околу 150- 200.000 лица кои на некој начин се природно имуни на овој вирус, или биле инфицирани со други коронавируси, па имаат клеточен имунитет и кон САРС 2 вирусот. Значи најмалку 20-30 проценти од населението има имунитет кај нас, а реално околу 40 отсто. До ефектот од вакцинирањето, а ако биде се според планот, тој би се видел некаде на крајот од мај годинава, би имале 50 отсто од населението кое стекнало колективен имунитет по природен пат, но ние само за дел од нив ќе знаеме дека биле во контакт со вирусот. Така, ќе се вакцинираат и лица кои се имуни на вирусот ама тоа не го знаат ни тие самите. Имено, докажувањето на клеточен имунитет е метода која е скапа и нереална за масовна употреба. Во секој случај, ако се оди по планот и вакцината е ефикасна како што се декларира, во јуни со 400.000 вакцинирани би имале најмалку 50-60 проценти имуни, од кои за 30 отсто би знаеле дека или прележале или се вакцинирале. Постојат размислувања и од овој тип кој ќе го споменам на крајов од интервјуто, иако не сум ни самиот сигурен дека треба да се  спроведат, кои се сосема на место. Едната доза на вакцината штити 70 проценти, двете дози 95 отсто. Дали не е подобро да се вакцинираат во март, април, мај 800.000 лица со една доза, наместо 400.000 лица со две дози. Така би се стекнал имунитет кај 560.000 лица (70 отсто од 800.000), а не само кај 380.000 (95 проценти од 400.000). Ако потоа се вакцинираат уште 400.000 веднаш, би имале веќе во јули месец 1,2 милиони вакцинирани, со 70% имунитет кај нив. Затоа, не е за потценување ниту оксфордската вакцина на Астра Зенека, со 70 отстотна ефикасност, која чини само 2 долари, десет пати е поефтина од Фајзеровата вакцина. Еве со ова ги поздравувам моите сограѓани и ги поттикнувам на размислување, 400.000 два пати или 800.000 еднаш во првата фаза од вакциналната кампања!

Претходна вестАко Дрисла е современа депонија, Вардариште е „современа“ мизерија
Следна вестВладата ги објави своите плати, ќе се дознаат ли платите на директорите од државните агенции, комисии, претпријатија…