Владата ги објави своите плати, ќе се дознаат ли платите на директорите од државните агенции, комисии, претпријатија…

Премиерот Зоран Заев со 22 годишен стаж прима највисока плата во македонската Влада со нето примање од 87,813 денари. На второто место е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој добива 85,113 денари личен доход, а има работен стаж од 18 години, додека пак на третото место се најде министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која зема нето плата од 74,273 денари, а има и најдолг работен стаж од 28 години.

Ова го покажува деталната листа на месечните примања на министерите во Владата што е објавена на нејзината веб-страница како резултат на заложбите за транспарентност на Владата.

Како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, на оваа страница можете да ги проверите висините на платите на Претседателот на Владата, Замениците на Претседателот на Владата и на министрите во Владата. Висината на платата на министрите е јавен податок, објавија од македонската Влада.

Министерките за одбрана и култура, Радмила Шекеринска и Ирена Стефоска, според висината на платата, се следни. Шекеринска зема 72 989 денари, а Стефоска 72 670. Тие се на врвот на листата и според стажот, министерката за одбрана има 24 години, а министерката за култура 23. Следни на листата се вицепремиерите за европски и економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи, кои земаат идентична плата од 71 385 денари, а имаат и исти години на стаж – 19.

Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, зема плата од 70 102 денари, а зад себе има 15 години работен стаж. Останатите плати се движат од 68 до 70 000 денари.

Единствено под таа граница се двајцата министри за животна средина и за информатичко општество и администрација, Насер Нуредини и Јетон Шаќири, кои земаат најниски плати од 65 612 односно 65 292 денари.

Објавувањето на висината на платите на министрите секако дека е за поздравување. Јавноста треба да знае со колку пари од граѓаните се плаќаат функционерите кои решаваат за нивната иднина. Вакви објавување на податоците за платите треба да продолжи и за другите државни функционери. Во јавноста веќе со години се зборува дека некои директори на државни агенции, дирекции, комисии, претпријатија земаат плати и по неколку илјади евра. Дали е така или не ќе дознаеме кога и тие плати ќе се објават.

Претходна вестПановски: Можеби е подобро во првата фаза да се вакцинираат 800.000 лица со една доза, наместо 400.000 лица со две дози  
Следна вестКазнети 157 возачи во Скопје, поминувале на црвено, немале возачка…