Со парите наменети за новогодишно украсување општина Чаир купи две амбулантни возила 

 Две нови амбулантни возила за транспорт на пациенти денеска се предадени на Здравствениот дом Скопје како резултат на донацијата на скопската општина Чаир. Возилата кои ќе ги користи службата за Итна медицинска помош се купени со парите кои општина Чаир ги заштедела со неукрасувањето на општината за време на новогодишните празници. Двете возила чинат 2,6 милиони денари.

-Сакам да им се заблагодарам на советниците на општинскиот совет со кој заедно го отворивме патот за реализација на ова хумано дело. Едногласно, на вонредната седница, ја усвоивме одлуката овие возила да се донираат што побрзо и да бидат ставени во функција за ефикасна интервенција, истакна денеска градоначаникот на општина Чаир Висар Ганиу.

Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари на градоначалникот Висар Ганиу за високата општествена одговорност и свесноста во работењето.

-Ова е значајна донација. Овој сегмент на Итната медицинска помош е еден многу сериозен и значаен сегмент во целокупниот здравствен систем, кој во континуитет го надградуваме. Целокупниот возен парк повеќе од 3/4 целосно е обновен, со набавката од Министерството за здравство, од донациите кои пристигнаа во изминатиот период”, потенцира Филипче.

Во овој момент трае процедура за вградување на посебни инструменти за ГПС навигација, камери во сите возила во Здравствениот дом во Скопје.

Претходна вестБензините поевтинуваат за две денари, престанува да важи Уредбата за скалеста акциза
Следна вестАкадемици до Царовска: Реформата е потребна, но претпазливо со предметот историја