Градските татковци не водат некоја особена грижа за градот кој ние си го сакаме

При толку места на потегот кон Скопска Црна Гора, место за градба колку сакаш, градот го стиснаа во „мечкина дупка“

Познатиот композитор Стојан Стојков, градот во кој живее го сака со сите негови добри и лоши страни, а би сакал да запре неговото ширење во погрешна страна.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Зад мене се 51 година живот во Скопје во континуитет. Многу слики, многу сеќавања и многу размислувања Се сеќавам на црвените автобуси од градскиот превоз кои вртеа на плоштадот, се сеќавам на Младинско-детскиот театар каде покрај проекции на филмови за поефтини влезници се прикажува, драмски и детски претставина концертите во прекрасната концертна сала на Официрскиот дом, на Операта во која влегувавме преку прозорчињата за да одгледаме некоја претстава. Се сеќавам на старата, онаа вистинската скопска чаршија со живите улички и занаети, на корзото, на игранките кои редовно завршуваа со тепање на групи маалски момчиња од само ним познати причини. Се сеќавам на скопскиот бурек од Ванила“…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Скопје секогаш си имало своја магична убавинаго сакам какво што беше и какво што е сега со сите арни и лоши страни. Тука сакам да ги спомнам и спомениците и фонтаните од проектот „Скопје 2014 за кој се крена голема дискусија. Можеби се многу, но голема и богата ни е и историјата. Ако беше намерата таа историја да се претстави преку визуелни презентации, мислам дека без сомнение идејата е оправдана и привлекува туристи кои се интересираат за нашата историја. Голема штета е што локалната управа подлегна на некаква комисија која од ним познати причини се противат на овој проект. Но кога веќе постојат, голема е штетата што тие не се одржуваат па сега навистина грдо изгледаат, грдо звучи тишината на плоштадот. Но, и покрај се, јас си го сакам овој град.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

– За жал не можам да кажам дека градските татковци водат некоја особена грижа за градот кој ние си го сакаме. Хигиената е лоша, а урбанистичкиот план е на најниско ниво. Погледајте како изгледа Дебар маало каде јас пораснав, а истото се случува и во Тафталиџе, Мичурин, Водно и другите населби кои само се стеснуваат со згуснати згради. При толку места на потегот кон Скопска Црна Гора, место за градба колку сакаш, градот го стиснаа во „мечкина дупка“. Нема паркови, нема зеленило, но затоа пак има нечист воздух, магла која гуши, расфрлено ѓубре, лошо поставени и неуредни контејнери, и многу забелешки околу хигиената за која секако одговорот можам да го лоцирам кај неодговорноста и лошото менаџирање на одговорните од Јавното претпријатие на градот.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

– Да. Целото мое творештво е создадено во Скопје. Мојата композиција „Свита за гудачки оркестар“ е на некој начин и посветена на градот Скопје и токму за ова често изведувано дело во 1987 година ја добив највисоката награда на Град Скопје „13 Ноември“. Сум бил член на одборот на Златно Славејче“, диригент во неколку градски хорови, во „Скопско лето“…. Јас својот живот го посветив на развој и афирмација на македонската музичка култура и уметност но и на Скопје.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Најголема гордост ми причинува изградбата на концертната сала на Македонската филхармонија за која (без лажна скромност) имам учество кога заедно со одбрана група љубители на симфониската музика ја обезбедивме и зачувавме локацијата. Добро е ако се стопира и уривањето на Универзалната сала која беше душата на културниот живот на Скопје. Има ветување од градската управа, тоа е добро, но во денешно време има многу ветувања, но малку исполнувања. Ќе видиме.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

– Мислам дека градот треба да престане да се шири во погрешна насока, и треба да се престане со градби во чувствителни реони. Му треба повеќе простор и повеќе зеленило за да може полесно да дише. А да се намали? Тешко.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Скопје си има обезбедено услови за скоро се. Можеби му фали трамвај, се сеќавам на вовчето кое одеше од Ѓорче, значи ако имало порано можност, може и сега. А така ќе се намали и бучавата во градот, а ќе имаме и почист воздух. А да се одземе нешто? Мислам дека не треба да се чепка таму каде што на градот и на граѓаните ќе им создадат лоши чувства.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Спасовски покажа сила кон народот и растури Бадников оган, a кон министрите од ДУИ…
Следна вестКазнети 224 возачи во Скопје