Со Студијата за Водно ќе се озакони натамошното негово узурпирање со нови градби

Активисткатa од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ Татјана Стојановска укажува дека предложената Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита „Водно” во категоријата заштитен предел има бројни слабости. Со неа, вели таа, нема да се запре узурпацијата на омиленото излетиште на скопјани.

Отворена е можност да се даваат забелешки за Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита „Водно” во категоријата заштитен предел. Дали сметате дека Студијата е добар и издржан документ?

-Забелешки за студијата за валоризација на Водно како заинтересирана страна, дадовме уште на презентацијата и јавната расправа во рамките на Град Скопје, како нејзин изготвувач. По јавната расправа и уредно испратените забелешки не добивме никаков повратен одговор дали се тие разгледани и воопшто земени во предвид. Студијата беше усвоена на седница на Советот на Град Скопје во период кога движењето и збирањето беа ограничени, надвор во паркот пред објектот на Град Скопје, и нашето присуство да го следиме беше скоро невозможно.

Во однос на самата Студија, тоа е документ кој е изработен од стручни лица и веруваме дека работата е завршена професионално од нивна страна, но тоа не е воопшто документ на кој би требало да се базира еден закон кој треба да заштити подрачје кое е подигнато од ништо, со цел создавање природна потпора на градот, и со претходна слаба биолошка вредност. Водно е реанимирано со неговото пошумување во средината на минатиот век, како очекувате една студија која оценува вредност на подрачјето само врз основа на Законот за Заштита на природата да е заштита на нешто што е вештачки создавано?

Кои ви се главни, поконкретни, забелешки во однос на овој документ?

-Главна и најбитна забелешка е намалувањето на површината која се заштитува. Од претходно заштитена и декларирана површина на парк шума од над 4500 ха, истата се намалува на 3992,5 ха.

Се изоставуваат од заштита оние делови кои се веќе узурпирани од градежната експанзија и наместо истото да биде казнето и  соодветно третирано како нарушување на парк шумата, се наградуваат со отворање на можност за нивна легализација.

Втора забелешка е поделбата на зони на управување кои исто овозможуваат понатамошни градби на Водно поради степенот на категорија на заштита кој Студијата го одредува.

Дали стравувате од нови узурпации, од нови лузни на оваа омилена планина кај скопјани?

-Со акт (нема да биде ниту закон, туку одлука) донесен само врз основа на Студијата за евалуација на Водно, сметаме дека се прави тешка манипулација со терминот заштита. Наместо да се внимава на еколошките придобивки, преку МЗЖСПП ќе се  озакони понатамошното негово узурпирање со нови градби и ќе овозможи  уништување на зеленилото коешто раснење не е случајно наменски спроведувано во минатото и заштитено со претходни одлуки на Советот на Град Скопје (1976, 1989, 1991 год.). Сепак , тука најмногу ја гледаме вината во Град Скопје, како институција која го достави барањето за заштита на Водно, но не обезбеди други релевантни ставови и мислења освен Студијата за евалуација, направена само врз основа на биолошката вредност на Водно,  занемарувајќи ги сите други закони и аспекти.

Каква заштита му е потребна на Водно за да се сочува?

-Ние инсистиравме, а искрено и градоначалникот Шилегов изјави дека на Водно му е потребен специјален закон за заштита. Акт за декларирање на категоријата на природната вредност на Водно сигурно не е тоа. Потребен е закон кој ќе ги задржи границите на заштитена зона од минатото, дефинира начините на справување со нелегалната претходна урбанизација и строго ќе забрани нарушување на тоа што е останато од веќе премногу начнатите зелени појаси на Водно.

Lex specialis, ветен од Градоначалникот,  но заборавен под наплив на амбициите за популаризација и профит, наместо заштита.

Претходна вест287 санкционирани возачи во Скопје, 20 за возење под дејство на алкохол
Следна вестСтанува збор, најверојатно, за уште еден експеримент со кутрите деца