Станува збор, најверојатно, за уште еден експеримент со кутрите деца

Колумна на Владимир Величковски:

Неспорно е дека физика, хемија и биологија се клучни предметидодека музичко и ликовно секогаш биле споредни релаксирачки предмети (порано оценувани описно). Мора да се нагласи дека овие две дисциплини (стуткани во еден час со новата „реформа“) не се само емоција и убавина туку се обединувачки агенси со специфични уметнички суштини и интердисциплинарни потенцијали: музиката и ликовното творештво на свој начин создаваат ред во хаосот, што не е без значење во време на деструкција. Што направија од предметот историја, потоа со македонскиот јазик, маргинализирајќи ја сфера на културата и уметноста кои се клучните идентитетски знаци на препознавање на еден народ. На што ги учиме децата во ова гнило, докрај партизирано и дехуманизирано општество? Секојдневно слушаме за криминал и тешка корупција, за примери на примитивизам и дилетантизам во разни области: децата се бомбардирани со невкус и брутално нарушена градска средина без места на препознавање, со секојдневната предоминантна „црна хроника“ и „поучните“ турски серии и активизмот на кич-луѓето. Каде учениците и студентите може да слушнат музичко и да видат уметничко ремек-дела?

Институциите и стручњаците, не случајно го рекоа своето- „не“ за новата претенциозно наречена „крупна реформа“ (наместо поскромно постепено правење извесни промени) во основното образование релевантно за средното и за високото образование. Каков парадокс е што имаме толку дипломи и титули а рекорден број на неписмени?! За пример е земен туѓ модел-финскиот во кој се прошируваат содржините од уметноста, а ние го стеснуваме или редуцираме нејзиното значење. Кај нас не може да стане збор за успешно финансирање, создавање квалитетни наставници и создавање добри авторски учебници. Наставникот треба да умее да препознае талент и способности кај одделни ученици. Не ми е познато дали е направено темелно истражување на состојбите во образованието за да се обрне подеднакво внимание на сите места и елементи. На тој начин ќе може да се планира долгорочно и да се извршат промени кои ќе одговараат на новите услови и можности. Во такви понижувачки услови колку ќе биде можно да се охрабри и развива самостојното, слободно и критичко мислење на учениците и студентите, нивното отворено и спонтано реагирање на сите отворени прашања примерени на нивната возраст. Младите, зависници од компјутер и мобилен може да бидат дури и подобро информирани од нивниот наставник, но се разбира не е се во механичкото преземање на готови (не секогаш проверени) податоци, а учебниците ќе се редуцираат. Ваквата кампањски смислена „крупна реформа“ требало да се реализира по извршената селекција на најдобрите предлози и коментари добиени (во непристојно кус рок), предлози и коментари што ќе бидат селектирани и вградени во програмата (не се знае кој ќе го направи тоа?!).

Станува збор, најверојатно за уште еден експеримент со кутрите деца и родителите кои тешко преживуваат. Не треба да се заборави на свежината на детскиот цртеж, песничка, игра или танц!Јас би можел да предложам да се воведе час по култура на однесување и етика како и нов школски предмет (по туѓ модел): насловен „Силни со духот“, факултативно, но со повторувачи.

Претходна вестСо Студијата за Водно ќе се озакони натамошното негово узурпирање со нови градби
Следна вестСофија сака да го дисциплинира и Белград, се жали за српски професор кој зборувал за „бугарски ѕверства“