Со Благоја Маркоски, универзитетски професор од Институтот за географија при Природно – математичкиот факултет зборуваме за предложената концепција за промени во реформата во основното образование. Маркоски, инаку е еден од потписиниците на писмото кое група професори од ПМФ неодамна го испратија до МОН и министерката Мила Царовска и ја опоменаа дека реформата не е добра.
Зошто е посебно важно географијата да се изучува како посебен предмет, а не таа да се дели и еден дел да се спојува со Општествени науки, а другиот во Природни науки?
–Предмет на проучување на географијата е географскиот простор (географски бидејќи ги проучува релјефот, климата, хидрографијата, земјиштето, географска распространетост на растителниот и животинскиот свет, како природни аспекти и населението, населбите, стопанските и нестопанските активности на човекот со сите нивни географски карактеристики, како социо-економски и регионално географски аспекти). Тоа значи, ако треба географски да се проучи некоја конкретна територија (континент, регија, држава, регион, општина итн.) погоре наведените природни и антропогени (хумано-географски) аспекти треба да претставуваат една причинско- последична каузална целина, за да се стекне целосна претстава за конкретниот географски простор (територија). Во спротивно, ако на пример во еден наставен предмет го проучиме само релјефот или само природно географските карактеристики на некоја регија или држава, а во друг наставен предмет се проучуваат социо-гееографските и економско- географските карактеристики не може да се добие целосна претстава за причинско последичната поврзаност на содржините, така што изостануваат одговорите на прашањата зошто таму.
Зошто е географија специфична како предмет, но и другите предмети – физика, хемија, биологија, за чие самостојно останување се залагате во обраќањето?
–Со формирањето на првите академии на науки (Француската академија на науки, 1666 г. и другите набрзо потоа), беа поконкретно диференцирани научните дисциплини, така што во тоа време главно се издвоени фундаменталните дисциплини, како на пример: географијата да го проучува просторот, биологијата да го проучува животот, физиката, хемијата да ги проучуваат појавите, процесите во техниката и технологијата, историјата да го проучува времето, филозофијата да го проучува општеството.
Во научните расправи како да се направи врска меѓу типично природните и типично општествените појави, процеси, проблеми е заклучено таа улога да и се додели на географијата, бидејќи само, кај географијата се проучуваат и природни и антропогени аспекти. Тоа е така, затоа што на Земјата како планета секоја територија се одликува со посебни физичко-географски и социо-економско географски карактеристики и има потреба тие територии регионално да се диференцираат и географски проучуваат. Целта е на светот да му се дадат информации каде, што, колку, зошто и како да се користи нешто што го има некаде, го нема кај нас, а кај нас е потребно. Во тоа е спецификата на географијата. Треба да се има претстава од каде тргнувате, каде се движите и каде одите. Другите дисциплини, како биологија, физика, хемија се дисциплини кои проучуваат законитости, кои се карактеризираат со исти својства било каде на Земјата, пример Кислородот е Кислород и во Европа и во Австралија, гравитацијата на Земјата секаде е присутна, фотосинтезата на растенијата е процес присутен секаде на Земјата итн.
Важно е дека сите овие науки имаат фундаментално значење за човекот како индивидуа и луѓето како општество, бидејќи целокупниот живот и организација на луѓето во светот се потпираат на придобивките од просторните, животните, техничките и технолошките процеси кои се проучувани токму од овие науки.
Затоа е неминовно учениците во погорните одделенија на Основното образование да се сретнат со имињата на наставните предмети соодветно на научната дисциплина. (биологија, географија, историја, физика, хемија, ликовна култура и музичка култура) Соодветно на тоа е и неминовното издвојување на конкретни научни дисциплини од општествените науки (јазик, историја).
Од овие дисциплини се добиваат првите знаења во врска со сите други професии и дејности. Пример од географијата се добиваат основите за студии по географија, геологија, хидрологија/хидротехника, градежништво, земјоделство, шумарство, економија и друго. Биологија е фундамент за студиите по биологија, медицина, ветеринарство и тн. Од физика и хемија се добиваат првите знаења за техничките и технолошките науки. Затоа се фундаментални и мора да егзистираат како поединечни наставни предмети.,
Каква опасност постои доколку се брза во најавената реформа и ако таа се направи како што е првично предложено?
–Констатацијата дека биологијата, географијата, физиката, хемијата, историјата, јазикот се фундаментални за целокупната организација на животот на луѓето, укажува дека најмалку е потребно овие предмети да се спојуваа во еден односно два предмети, а за сметка на тоа да се дава простор на наставни предмети, кои според природата на нивните содржини треба да се проучуваат исклучиво во високото образование (етика, религија, граѓанско образование, други изборни предмети итн.). Тоа значи дека постои опасност учениците, како малолетни лица наместо да научат некои фундаментални вредности поврзани со науките и технологиите да бидат манипулирани и заведени низ некои правци кои немаат никакво практично значење за животот во материјална смисла.
Концептот 3+3+3 е замислен така што:
-во првите три години главно станува збор за описменување на децата, -во вторите три години за запознавање на учениците со основните аспекти од непосредното опкружување од природата (со понепосредно запознавање на природните процеси и појави на она што го гледаме на небото и околу нас на Земјата, она што го чувствуваме, она што го употребуваме) и општеството (она што се случувало и случува низ времето меѓу луѓето, релациите меѓу луѓето, културните релации, организација на општеството и животот и други поединости) и -во третите три години соодветно на поголемата возраст, учениците изучуваат конкретни и диференцирани содржини поврзани со: -географскиот простор, кој го проучува географијата; – историјата која го проучува времето низ општествениот развој, -биологијата која го проучува животот, -физиката која ги проучува законитостите со техниките и –хемијата која ги проучува хемиските процеси и технологиите.
Ако не се постапува според овие принципи (описменување, запознавање и изучување) учениците ќе останат збунети и не ќе можат да разберат дека за разни проблеми постојат посебни научни дисциплини (но овие се основите од кои понатаму произлегуваат други специјални дисциплини), така што нема да можат да размислуваат за нивната професионална ориентација во средното и високото образование.
Какви се проблеми можат да се појават при оценувањето на учениците?
–Оценувањето на учениците е многу сериозен проблем, многу сеопфатен и чувствителен по однос на развојот на личноста. Тој процес ги тангира наставниците како оценувачи, учениците како оценувани и родителите како загрижени за своето дете/ ученик. Кај нас се формираат кадри за одделенска настава и таму еден наставник го прати ученикот низ цела учебна година и според неговото однесување и според неговото знаење соодветно го оценува. Потоа има предметни наставници (има и некои со завршени двопредметни студии), но тие држат одделна предметна настава пр. математика и физика, но пак работат на конкретен наставен предмет пример физика.
Во дадената концепција за реформа ние сеуште немаме студиски програми низ кои се образувааат кадри за група предмети (бидејќи кај сите наставни насоки се образуваат само предметни наставници). Според предлозите во концепцијата, демек сите наставници кои предаваат делови од своите предмети заедно ќе формираат оценка за ученикот по предметот „природни науки или општествени ануки“. Во случајот реална е опасноста од субјективност и суетност кај наставниците, така што не се исклучува проблемот на судир, бидејќи реално е да се очекува еден ист ученик да има поголема надареност за некоја од одделните дисциплини, а за друга да нее многу заинтересиран. Во тој случај наставниците тешко ќе се договорат за реална оценка. По оваа логика голем број ученици може да останат без петка, што би значело неможност да се запишат на некои факултети каде се бара комплетно одличен успех (пример Медицина).
Тоа значи дека овој проблем наместо да овозможи потесна специјализација ќе продолжи со разводнување на знаењата на учениците без да видат каде е нивната вистинска професионална ориентација според нивната природна надареност.
Во продолжение проблемот ке се рефлектира во психосоцијалниот развој на личноста, негаторски пристап кон образованието и институциите итн.
Дали планирате да упатите предлози до Министерството за образование кое го определи 20-ти јануари како рок за доставување на предлози за новиот концепт? Или сметате дека треба процесот на промените да почне одново?
–Како универзитетски професор, со над 300 библиографски единици над 25 книги и монографии (серија учебници и учебни помагала по географија за основното и средното образование), над 35 годишно искуство, во координација со колегите од другите нститути на Природно-математичкиот факултет направивме анализа на доставените материјали за јавната расправа. Притоа, констатиравме дека материјалот во основа се состои од лекции од социологија и општа методика на наставата, а многу малку се зборува за концепт кој треба да биде реформски. Тоа е така бидејќи истиот го подготвувале поединци педагози и антрополози кои никогаш немале контакт со основно образование, ниту имаат било каков учебник или учебно помагало за основно образование, туку во својство на невладина организација даваат предлози за промени во еден од најкомплицираните системи како што е образованието.
Во контекст на погоре наведените аргументации предлагаме овој концепт да биде стопиран, бидејќи сме убедени дека за 7-8 месеци истиот неможе квалитетно да се реализира. Да се формираат експертски тимови од сите фундаментални наставни предмети за да изработат и организираат квалитетен концепт, над кого исто така експерти од соодветните институции ќе изработат наставни планови а во продолжение наставни програми. Соодветно на наставните програми да се пристапи кон изготвување на учебници и учебни помагала, за кои МОН треба да побара истите да бидат изготвени од тимови на факултетите и институтите каде се формира наставниот кадар и проучува наставната дисциплина.
Наведеното значи дека процесот треба да почне од почеток со релевантни анализи на: -наставните планови; -наставниот кадар; -уреденоста и опременоста на училиштата; – влијанијата и притисоците врз наставниците од надвор; -наградувањето на наставниот кадар (на сите нивои на образование); -организација на инспекциската служба во процесот на надгледување на реализацијата на наставата; -перманентните обуки на наставниот кадар во квалитативна смисла и други аспекти. Во концептот ниеден од овие аспекти не е земен во предвид. Се добива впечаток дека некој некого лаже и подметнува нови концепции за реформи, за да ги прикрие недостатоците во работата на службите со кои раководат во рамки или под ингеренции на МОН. Но да се прават реформи (кои беа направени пред 6-7 години и тогаш беше договорен постоечкиот концепт) само во смисла на активности во образовниот систем навистина не смее да се експериментира. Во таа смисла, ако на ова се спротивствуваат сите релевантни и непосредно инволвирани институции (МАНУ, Институтот за национална историја, Филозофски факултет, Институтот за Македонски јазик, Природно-математичкиот факултет, наставниот кадар по училиштата и низа интелектуалци) останува надежта дека ќе има слух кај надлежните државни институции да не се експериментира, туку да се аргументира и да се преземат чекорите кои ќе придонесат реализацијата на наставата во основното образование да биде поквалитетна. Попатно кажано, ако толку е неквалитетно нашето образование како толку инженери, професори, доктори, економисти се отидени и прифатени да работат во серија на Европски држави и институции?